По 2035 година во Канада повеќе нема да може да се регистрираат нови автомобили и доставни возила со мотор со внатрешно согорување. Рокот претходно беше поставен за 2040 година, но сега е решено овој обврзувачки датум да се помести пет години порано.
Канада сака да се осигура дека до 2050 година по нејзините патишта ќе сообраќаат повеќе електрични автомобили отколку автомобили со мотор со внатрешно согорување. Просечната старост на автомобилите во големата држава моментно изнесува 15 години.
Електричните автомобили учествуваат во продажбата на нови возила со удел меѓу три и четири проценти. До 2025 година, уделот треба да се зголеми на десет проценти. Со новиот краен рок за бензинците и дизелите, соодветно ќе се поместат и одделните етапи, односно ќе се цели на повисок удел од 10% до средината на деценијата.
Канадските власти најавија пакет мерки од инвестиции и регулативи, коишто ќе имаат за цел да се постигне новата цел. Купувачите на електрични возила досега добиваа субенција во висина до 5.000 долари.
















