Светскиот шампион во електромобилноста, Норвешка, продолжува да граби напред до моментот кога секој новорегистриран автомобил во земјата ќе биде електричен. Со удел од 83,3 проценти на електричните автомобили во продажбата во мај, норвешниот пазар повторно прави големо поместување во споредба со истиот месец лани, кога уделот на овие автомобили изнесувал 65,6 проценти.
Норвешкиот пазар веќе постигнува динамика на продажба како пред кризата и во мај регистрирал 14.063 нови автомобили. Единствено е сменет уделот на електричните автомобили (и приклучните хибриди). Големо изненадување е моделот на првото место според бројот на продадени примероци: Ford Mustang Mach-E е најпродаван автомобил во скандинавската држава во мај.
Во вкупниот удел на електричните автомобили од 83,3 проценти, чисто електричните автомобили учествуваат со 60,4 проценти, додека останатите 22,9 проценти им припаѓаат на приклучните хибриди. Тоа сведочи дека трендот постепено се поместува кон чисто електричните, батериските автомобили. За првите пет месеци од годината, уделот на електричните автомобили изнесува 81,9 проценти, додека во истиот период лани, уделот изнесувал 69 проценти.
Самополнечките хибриди, каде што Toyota практично е осамена, но и натаму е мошне моќна, учествуват со 7,8 проценти. Автомобилите со обичен погон се буквално пред исчезнување, со 8,9 проценти удел, односно одвај нешто повеќе од 4 проценти удел на дизелите.
Најпопуларни електрични модели во периодот од јануари до мај се Volkswagen ID.4 и Tesla Model 3, а по нив следат Audi e-tron и Volvo XC 40 Recharge. Новите модели во понуда, како Ford Mustang Mach-E или Skoda Enyaq, имаа одличен старт и покажуваат потенцијал да прераснат во бестселери до крајот на годината.
Во мај пристигна првиот поголем контингент од електричниот Ford, со вкупно 1.383 примероци од E-Mach. Американците очигледно дека ја таргетираа Норвешка како главен европски пазар за својот електричен модел, затоа што испораките во останатите држави на континентот се во далеку помал број.
Најпродавани модели со електричен погон во Норвешка во мај
| марка и модел | примероци |
| Ford Mach-E | 1384 |
| VW ID.4 | 775 |
| Skoda Enyaq | 772 |
| Volvo XC40 | 594 |
| Tesla Model 3 | 505 |
| Mercedes EQC | 492 |
| Audi e-tron | 447 |
| Nissan Leaf | 286 |
| Peugeot e-2008 | 283 |
| Polestar 2 | 281 |
| Hyundai Kona | 249 |
| Citroen e-C4 | 245 |
















