Бубата на Volkswagen направи автомобилот да стане достапен за широк круг луѓе, а комбито Були со истата техника учествуваше во големиот економски бум во 1950-те години. Конкурентите Ford и Opel веќе одамна ја имаа проширено понудата од модели, додека Volkswagen и натаму се потпираше единствено на два модели.
По пет милиони произведени примероци од Бубата, во време кога конкуренцијата успешно ги нудеше моделите од средната класа Ford Taunus 17M и Opel Rekord A, тогашниот шеф Хајнрих Нордхоф даде налог Volkswagen првпат да понуди модел во средната класа. Германски прецизно, моделот интерно се водеше како Typ 3, бидејќи беше трет модел по Бубата и по Були. Сцената до денес го познава моделот под тоа име.
Премиерата на Volkswagen 1500 се случи на салонот во Франкфурт во септември 1961 година. Тоа беше лимузина со две врати, со елегантна форма, долга 4,23 метри. Моделот се разликуваше од Бубата во изгледот, но не и во техниката. Volkswagen немаше намера да експериментира со новиот модел.
Typ 3 го имаше истото меѓуоскино растојание од 2,40 метри како Бубата, исто и централната рамка, торзиските лостови, и секако, боксер-моторот назад. Работната зафатнина на моторот сепак беше зголемена на 1,5 литар, заради повисоката тежина на возилото. Инженерите направија и неколку преправки во моторот, меѓу другото го „легнаа“ големиот вентилатор и ја смалија висината на моторот. Така се доби втор багажник над моторот. Подоцна следеше и комби изведбата со ознака Variant, што искористи максимално од овој зафат.
https://photos.app.goo.gl/tasajUV1DYEJg1KG6
Volkswagen понуди и туринг-лимузина со ознака TL, којашто не наиде на голем интерес меѓу публиката. Се подготвуваше и кабриолет изведба, но таа не доживеа сериско производство. Моделот сепак послужи како основа за „големата“ Karmann Ghia од типот 34, којашто одредено време се нудеше како сестрински модел на познатата Ghia од типот 14.
Кабриолетот од Volkswagen 1500 остана само како план
https://photos.app.goo.gl/jTW2h9qZA2PnsfFW7
Цените беа за околу 1.000 германски марки над Бубата, почнувајќи од 6.400 марки за лимузината и 300 марки повеќе за комбито. Моделот наиде на одличен прием меѓу купувачите на бројни извозни пазари, меѓутоа ситуацијата беше сосем различна на германскиот пазар.
Комбилимузината не им се допаѓаше особено на купувачите
https://photos.app.goo.gl/Leoouky4TRbFfzKk9
По две години од почетокот на продажбата, во понудата пристигна 1500S, а по него и 1600 со по 54 КС. Автомобилот беше четврти на листата на најпродавани модели во Германија. До крајот на производството во 1973 година, од фабричките ленти излегоа над 2,6 милиони примероци. Volkswagen Typ 3 несомнено беше успешен модел. Во оваа продукција дури и не се сметаат неколкуте стотини илјади примероци што до 1980-те години се произведоа во Бразил.
Иако имиџот на Typ 3 заостануваше далеку зад оној на Бубата и Були, моделот сепак е значаен за Volkswagen, затоа што со него започна традицијата на модели од средната класа. По него следеше Volkswagen Passat, кој во бројни генерации досега се докажа како бестселер.
Технички податоци · Volkswagen 1600 LE (1968-1973)
- Мотор: 4 цилиндри, боксер, воздушно ладење, централно брегасто вратило, филтер за воздух во маслена када
- Работна зафатнина: 1584 cm3
- Пречник х Од: 85,5 х 69 mm
- Моќност: 54 КС (40 kW) при 4000/min
- Вртежен момент: 110 Nm при 2200/min
- Впрскување гориво: Bosch D-Jetronic
- Менувач: 4 степени, мануелен
- Сопирачки: Напред диск, назад барабан
- Гуми: 6.00 х 15
- Меѓуоскино растојание: 2400 mm
- Димензии: 4340 х 1605 х 1470 mm
- Највисока брзина: 135 km/h
















