Peugeot 208 надмина 20.000 продажби во Велика Британија, само една година по почетокот на продажбата. Овој успех се совпаѓа со 10-илјади автомобили Peugeot со хибриден или електричен погон што досега се продадени во земјата.
Наследникот на легендарната низа 204-205-206-207 и самиот станува легенда. По премиерата на салонот во Женева во пролетта 2019 година, втората генерација на Peugeot 208 се докажа како еден од најпопуларните автомобили на пазарот воопшто. Секако, меѓу бројните награди отттогаш, посебно се издвојува титулата на Автомобил на 2020 година во Европа. Неговата електрична изведба, e-208, учествува со повеќе од 20% во продажбата на моделот досега.
Со повеќе од 4.000 продадени примероци од стартот лани, Peugeot e-208 е еден од најпопуларните електрични модели на пазарот. Погонската спрега ја сочинува електромотор од 100 kW, а батеријата со капацитет од 50 kWh дозволува досег до 350 километри. Посебно во прилог на електричниот Peugeot оди фактот што неговата техника дозволува користење брзи полначи со моќност до 100 kW, на кои полнењето до 80 проценти може да трае само половина час.
Французите ја одбележуваат и продажбата на 10.000 автомобили со хибриден или електричен погон во Велика Британија, откако марката ги понуди овие модели во својата понуда лани. Гамата моментно ги вклучува електричните Peugeot e-208 и e-2008, новите 3008 Plug-in Hybrid и 508 Plug-in Hybrid, но и електричниот e-Expert, кој неодамна беше избран за Светски ван за 2021 година.
Во почетокот на мај во земјата стартуваше и продажбата на новиот 508 Peugeot Sport Engineered, како најмоќен сериски модел на марката досега, кој исто така располага со приклучен хибриден погон. Новини до крајот на годинава ќе бидат и електричните e-Partner и e-Boxer.
Peugeot 208 во меѓувреме ни приреди и едно несекојдневно возачко уживање, при репортажата за еден крај за когошто многумина имаат слушнато, но малкумина биле да го посетат вистински – Мариово и Витолиште, село од романите на Стале Попов.

















