Електричен камион eActros минува дневно по неколку стотини километри во регионот на Минхен во дистрибуција на пивото Paulaner. Производителот на познатите пива е последен клиент што го тестира електричниот камион. Mercedes во втората половина од годината веќе започнува со сериско производство на Actros на батерија.
Компанијата Paulaner, производител на истоимената марка пива, користи електричен камион Мercedes eActros за превоз на буриња и гајби пиво до рестораните и до продавниците за пијалоци во поширокиот регион на баварскиот град Минхен. Големиот камион на струја е задолжен и за превоз на рекламни материјали и инвентар за настаните што се одржуваат во регионот.
Електричниот камион ја почнува турата во седиштето на компанијата во Грефелфинг, во периферијата западно од Минхен, и дневно минува до 200 километри. Батеријата потоа се полни преку ноќ на полнач во компанијата.
Втората фаза на тестови на eActros кај клиенти започна во 2020 година. Веќе во втората половина од годинава се очекува старт на сериското производство во фабриката Верт. Освен во Германија, камионите се тестираат во уште неколку европски држави.
Погонот на прототипот на eActros го сочинуваат два електромотори од по 126 kW, со максимален вртежен момент од по 485 њутнметри. Батеријата има капацитет од 240 киловатчасови.
















