Lotus стапи во соработка со прочуениот британски продуцент, кој под инспирација од звукот на легендарниот Type 49 создаде звуци за електричниот Lotus Evija.
Патрик Патрикиос има продуцирано за Сиа, Бритни Спирс, Пикси Лот и бројни други ѕвезди, а во 2018 година беше номиниран за Британските Музички Награди, за соработката со Литл Микс. Неговата музика досега е преслушувана повеќе од милијарда пати.
На Патрик му се допаднала идејата да го користи звукот на Lotus Type 49, еден од најпознатите тркачки автомобили во историјата. При дигиталната обработка, Патрик открил дека звукот на тркачкиот мотор V8 при забавување на снимката е многу сличен со природниот звук што го произведува електричниот погон на Lotus Evija.
„Баравме нешто да ја разбуди емотивната врска меѓу автомобилот и возачот. Звукот има огромно влијание кога станува збор за создавање и поттикнување на емоциите, а зајакнувањето на таа врска е клучен дел од возењето Lotus“, објаснува продуцентот.
Главната задача беше да се оформи надворешниот звук на Evija, додека хиперавтомобилот почнува да забрзува со полна моќ од 0 до 300 километри на час, за само девет секунди. Звукот што го создаде Патрикиос понатаму се користеше и за оформување на сите останати звуци во возилото, од предупредувачките звуци, до трепкачите.
Lotus Type 49 победи на своето деби во формула 1, на трката за големата награда на Холандија во 1967 година, со легендарниот Џим Кларк зад воланот.
>>> Во СУВ-моделот на Lotus ќе работи техника од Volvo
https://www.instagram.com/p/CLJ2HEqIC-5/















