САД повеќе не е втора електрична светска сила во поглед на електромобилноста, туку го препушти местото на Германија. Поради масивните субвенции во висина до 9.000 евра, германскиот пазар во минатата година покажа голема љубов кон електричните и хибридните автомобили.
Продажниот бум во Германија ѝ го донесе на земјата второто место меѓу најголемите пазари за електрични автомобили во светот лани, престигнувајќи ги САД. Соодветно напредуваше и продажбата на автомобили со електричен погон од германските автомобилски концерни.
Најголем пазар за електромобили останува Кина со 1,25 милион нови регистрации лани. Тоа е повеќе од една третина од светската продажба од вкупно 3,18 милиони електрични возила и приклучни хибриди. Уделот на Кина во светскиот пазар сепак се намалува. Додека кинескиот пазар лани пораснал за 3 проценти, светскиот пазар на електромобилноста напредувал за дури 38 проценти. Главен мотор за тој раст е Европа, а пред сé Германија – пазарот на овие возила лани пораснал во земјата за 264 проценти, на вкупно 395.000 возила. Тоа е најголем раст во светски рамки. Доколку се гледа растот на ниво на цела Европа, тој изнесува 134 проценти. Со вкупно 1,37 милион е-возила, Европа е дури и пред Кина.
Третото место им припаѓа на САД, со 322.000 новорегистрирани електрични автомобили и приклучни хибриди. Следи Франција со 195.000 возила, потоа е Обединетото Кралство со 175.000 возила и Норвешка со 108.000 возила. Водечката десетка ја заокружуваат Шведска (94.000), Холандија (88.000), Италија (60.000) и Канада (53.000).
Во светот кон крајот на минатата гдоина имало регистрирани 10,9 милиони електрични автомобили и приклучни хибриди. Половината од тоа е во Кина, во САД се 1,77 милион
На ниво на производители, предводи Tesla со близу 500.000 нови возила лани, втор е концернот Volkswagen со 422.000 електрични автомобили и приклучни хибриди, трет е кинескиот Saic, пред BMW (193.000). Daimler е на шестото место со 163.000 возила, веднаш по кинескиот BYD.
Volkswagen ID.4 во Германија чини 38.450 €, субвенцијата е 9.000 €

















