На 26-ти јануари, Tesla на берзата вредеше 550 милијарди долари. Тоа е повеќе отколку што вредат неколку од најголемите традиционални производители на автомобили заедно – иако Tesla со 500.000 возила годишно постигнува само мал дел од продажбата на Toyota, VW или Mercedes.
Tesla кон крајот на јануари ги објави годишните бројки, кои покажаа дека американскиот производител на електрични автомобили првпат во својата историја постигна заработка во континуитет од цела година. Некои берзански кругови сепак беа мошне разочарани од тоа што Илон Маск не даде конкретна најава за целите што Tesla треба да ги исполни во текот на оваа година. Од друга страна, позитивниот биланс во работата на калифорниската компанија во најголем дел беше постигнат од продажба на сертификати за СО2, кои на традиционалните производители им беа потребни за фиктивно да ја намалат емисијата на СО2 на својот возен парк и на тој начин да ги избегнат високите еко-казни од ЕУ.
Во почетокот на неделава, акција на Tesla, којашто претходно надминуваше 700 долари при тргувањето на берзата, на моменти вредеше помалку од 480 долари. Тоа значи дека вредноста на компанијата за само неколку недели се намалила за близу 250 милијарди долари. Тие 250 милијарди долари се многу повеќе од вредноста што на берзата ја имаат заедно гигантите во браншата, Volkswagen и Daimler.
Tesla сепак не е единствена што губи вредност на берзата. Голем е бројот на гиганти во високата технологија, како што се Microsoft, Apple, Facebook или Amazon, но и гиганти во секторот на обновлива енергија, што исто така изгубија многу од вредноста. Обемот на таа загуба сепак е многу помал од загубата на Tesla, којашто загуби речиси една третина од својата пазарна капитализација. Кај Apple загубата во истиот период изнесува 13 проценти, додека Microsoft е десет проценти во минус.
Аналитичарите од една страна укажуваат дека акциите на Tesla пред една година не вредеа ниту 100 долари по акција. За кусо време, вредноста акциите се зголеми речиси осумпати. Бројни аналитичари ценат дека акциите на Tesla и во овој момент се преценети, првенствено поради тоа што конкуренцијата напредува масивно во делот на електричните автомобили. Експертите веќе се сомневаат дека Tesla ќе го задржи досегашното темпо на развој.
















