Вториот најголем производител на автомобили во САД, Ford, ја заврши минатата година со црвени бројки во билансот, но и покрај тоа ќе продолжи да вложува масивно во електричните возила. Во четвртиот квартал лани, Ford работел со загуба од 2,8 милијарди долари.
Приходот на ниво на целиот концерн во споредба со истиот период лани се намалил за девет проценти, на 36 милијарди долари. Затоа пак, во европскиот бизнис што извесно време е во криза, има одлични вести. Оперативната добивка тука се зголемила за 342 милиони долари и изнесувала 414 милијарди долари. Ford објаснува дека тоа е најдобриот резултат на ниво на еден квартал во последните четири години.
Последните загуби нема да го спречат американскиот концерн да продолжи масивно да вложува во електрични и автономни возила. Како што најави шефот Џим Фарли, до 2025 година Ford ќе инвестира 22 милијарди долари во електрификацијата на својата моделска понуда. Уште седум милијарди долари ќе се вложат во развој на автономни возила.
Ford во целата мината година се соочи со последиците од корона-кризата, исто како и повеќето производители на автомобили. Прометот се намалил за 18 проценти, на 127,1 милијарди долари. Под крајната црта, годишниот биланс покажал загуба од 1,3 милијарда долари, откако компанијата преклани уште беше во позитива.
>>> Ford ќе го произведува Mustang Mach-E и во Кина

















