Владата на Трамп водеше жестока битка со Калифорнија околу стандардите за потрошувачката на гориво, а се појавија несогласувања и меѓу одделните производители на автомобили. Сега расте бројот на производители што се сложуваат со воведувањето построги норми.
Попушта отпорот на производителите на автомобили против воведувањето построги стандарди за потрошувачка на гориво во американската сојузна држава Калиуфорнија. Коалицијата за одржлива автомобилска регулатива, во којашто меѓу другото членуваат Toyota, Hyundai, Kia, а од неодамна и Fiat Chrysler, објави дека ќе соработуваат со владата на Бајден околу воведувањето нови стандарди за заштита на животната средина.
Со овој чекор ѝ се олеснува на новата американска влада да воведе построги стадарди за потрошувачка. За време на владеењето на американскиот претседател Трамп беше стопирано воведувањето потроги норми за нови возила, отпочнато уште во ерата на Обама. Единствено Калифорнија се придржува до стандардите преку сопствените закони за животна средина. Овој чекор беше од големо значење за индустријата, затоа што богатата сојузна држава е воедно и најголемиот автомобилски пазар во земјата. Трамп поради тоа сакаше да ѝ го одземе специјалното право на Калифорнија, која пак беше решена да оди до највисоките судски инстанци.
Владата на тогашниот американски претседател Барак Обама уште во 2012 година донесе акт за намалување на просечната потрошувачка на гориво за патничките автомобили на ниво на целиот возен парк во САД на 4,4 литри бензин на 100 километри до 2025 година. Владата на Трамп ги укина мерките и ја зголеми целната просечна вредност на потрошувачката на гориво на 5,8 литри на сто километри. Повеќе сојузни држави, предводени од Калифорнија, не се согласуваа со тоа. Државата на западниот брег донесе сопствена и потрога гранична вредност, којашто со 4,6 литри на сто километри до 2026 година, приближно се совпаѓаше со претходниот стандард.
Производителите организирани во коалицијата сега се откажуваат од поддршката на тужбата против строгите стандарди на Калифорнија, којашто беше подржана од владата на Трамп. Коалицијата реши „како гест на добра волја“ да се повлече од тужбата, за автомобилската индустрија да се обедини во единствена национална програма со достижни цели. Плановите на Трамп не беа подржани едногласно од целата бранша. Ford, Honda, VW, BMW и Volvo во летото 2019 се сложија да продолжат да се раководат според строгите стандарди на Калифорнија.
Во минатата недела и концернот General Motors, кој исто така беше на страната на Трамп, најави дека од 2035 година ќе произведува единствено автомобили што не испуштаат штетни материи.
>>> General Motors по 2035 година ќе произведува само електрични автомобили

















