Кари-колбасите се заштитен белег на Volkswagen, исто колку што се бубата или голфот. Овие колбаси се продаваат во супермаркети, во фабричките продавници, и секако во фабричките ресторани. Поради корона, продажбата на кари-колбасите паузираше извесно време. Вработените се незадоволни. Дури и работничкиот совет ги стави колбасите на дневен ред.
Колбасите на Volkswagen се своевиден култ и имаат долга традиција во фабриката во Волфсбург. Во почетокот дури и самостојно се одгледувале свињи. До денес колбасите се изработуваат во сопствената месарница. На пакувањето пишува дека се работи за „Оригинален дел Volkswagen“. Каталогот за нарачки исто така го наведува кари-колбасот.
Проблем настана пролетоска, откако изби пандемијата. Оттогаш не се нуди кари-колбас во фабричките ресторани, затоа што е голема опасноста од пренесување на вирусната инфекција преку пултовите за самопослужување. Единствен „ден за кари колбас“ е вторник. Вработените негодуваа, па дури мораше да се вклучи и моќниот работнички совет.

Дневната порција колбаси најмногу им недостигала на вработените во Хала 54 во фабриката во Волфсбург. Тие отсега ќе можат повторно да уживаат во вкусното јадење – секој ден. Решение е најдено на тој начин што персоналот во кантината сам ги послужува колбасите, место работниците да посегнуваат во пултот. Работничкиот совет оценил дека тоа не претставува дополнително работно задолжение за персоналот во кујната, затоа што работниците кои ќе земат колбас, нема да побараат друго јадење, и дал одобрение за новата процедура. Советот бара новиот модел на послужување да се примени во сите кантини, за работниците да можат секој ден да си уживаат во кари-колбасите на Volkswagen.
















