Промени во еластокинематиката и фино дотерување се заслужни за рекордното време на брзото купе со четири врати на Нордшлајфе. Времето го постигна првиот инженер за развој Демиан Шаферт. Рекордот важи за категоријата на возила од вишата класа.
Сегашниот главен инженер во развојот на AMG, а претходно тркач, го подобри својот претходен рекорд од есента 2018 за повеќе од две секунди. Нотарите потврдија време од 7:23.009 минути на верзијата на патеката долга 20,6 километри (без правците на T13) и време од 7:27.800 минути за комплетната должина од 20,832 километри. Рекордот се однесува на втората варијанта. По само три месеци, Mercedes-AMG повторно го држи рекордот на патеката.
Спортскиот крстосувач со 639 КС возеше во стандардна варијанта. Но, стандардот кај AMG GT 63 S 4MATIC+ вклучува многу. Арсеналот се состои од целосно приспособлив погон на сите тркала, активно управувана задна оска, електронски контролирана блокада на задниот диференцијал и програма AMG DYNAMICS. Гумите се Michelin Pilot Sport Cup2 кои исто така се заслужни за рекордот по 73 свијоци во „Зелениот пекол“. Од опциите беше вграден и аеро-пакет.
Условите на патеката не беа најсовршени за рекорди. Делови од асфалтот уште беа влажни, а температурата на асфалтот изнесуваше десет степени, при надворешна температура од седум степени Целзиусови. Тоа што пак се извозе рекордно време сведочи за делотворноста на програмата RACE за активното подвозје AMG RIDE CONTROL+, како и на погонот на сите тркала.
Рекордерската изведба AMG GT 63S 4M се нуди и на македонскиот пазар, цената е 229,990 евра.
















