Поради економското влијание на корона-кризата, продажбата на нови автомобили во Европа се намали за 52 проценти во март, во споредба со истиот месец лани. Најголем пад забележаа PSA-Opel (-66%), Renault (-66%) и FCA-Tesla (-65%).
Додека вкупната продажба на автомобили опаѓа насекаде, електричните возила продолжија да напредуваат и во март достигнаа историски највисок пазарен удел од 10%. Вкупно во првото тромесечје, електричните автомобили имаат удел од 7 проценти. Тоа е двојно повеќе отколку во првиот квартал лани.
Сосем очекувано, FCA-Tesla (Fiat се спогоди со Tesla за заеднички да ја водат емисијата на СО2, со соодветен паричен надомест) има највисок удел на електрични возила во продажбата (39%). Тоа се должи на големиот пораст во продажбата на електричните автомбоили на Tesla, со десеткратно зголемување на одредени пазари, како Велика Британија. Во исто време, продажбата на Fiat, кој останува со обични мотори со внатрешно согорување, се преполови во споредба со февруари. Volvo е втор со удел на електричните возила од 22% во вкупната продажба на марката во март 2020.
Доколку продолжат да го одржуваат нивото на СО2 во текот на цела 2020 година, повеќето производители ќе останат под лимитот за емисија на овој стакленички гас што го постави ЕУ, со 95 грами СО2 на километар.
Секако дека е чудно тоа што Toyota (заедно со Mazda) е на дното на листата, но јапонскиот производител сепак без проблем ги исполнува строгите барања на ЕУ со своите хибридни модели. Моментно, Daimler е најдалеку од достигнувањето на целта за емисијата на СО2 од вкупно продадените возила и мора да ja спушти вредноста за 17 грами СО2/km до крајот на годинава. Причината за високата вредност е тоа што Mercedes продава повеќе автомобили од престижните класи, со силни мотори.
Рангирање според уделот на електричните модели во вкупната продажба по марка или алијанса
(батериски електрични и плагин хибридни модели, вредностите се во проценти)
| Производител | Март 2020 | Јан-мар ’20 | Јан-мар ’19 |
| FCA-Tesla | 39 | 12 | 7 |
| Volvo | 22 | 22 | 11 |
| BMW | 14 | 13 | 8 |
| Останати | 12 | 10 | 7 |
| Kia | 12 | 12 | 7 |
| Nissan | 11 | 10 | 9 |
| Hyundai | 11 | 9 | 7 |
| ПРОСЕК | 10 | 7 | 3 |
| Daimler | 10 | 7 | 2 |
| VW Group | 8 | 6 | 1 |
| Renault | 7 | 8 | 3 |
| PSA-Opel | 5 | 6 | 0 |
| Ford | 2 | 1 | 0 |
| Toyota-Mazda | 0 | 0 | 0 |
















