Land Rover се пофали дека понудил изведби со плагин-хибриден погон од своите Range Rover Evoque и Land Rover Discovery Sport, со повеќе од 300 КС и потрошувачка под два литри. Тоа што навистина го привлекува вниманието е друго: Моторот во СУВ-моделите тешки по два тони има само три цилиндри.
Land Rover Discovery Sport и Range Rover Evoque добија нови моделски изведби, коишто ја носат ознаката P300e и користат плагин-хибриден погон. Вистинското изненадување, или поточно разочарување, следи откако ќе се дознае податокот дека Британците во овие тешки СУВ модели вградуваат – трицилиндарец! Со турбонатполнење под висок притисок, бензинецот достига 200 КС. Електромоторот постигнува моќност од 80 киловати (109 КС). Системската моќност изнесува 309 КС.
Батеријата од 15 kWh е вградена под задната клупа. Според ветувањата на британскиот производител со индиски капитал, плагин хибридниот Evoque минува до 68 километри со полна батерија, додека Discovery Sport има четири километри покус досег на струја. При користење брз полнач со еднонасочна струја, батеријата се полни до 80% за околу половина час.
Фабричкиот податок за потрошувачката од 1,9 литар на 100 километри за Evoque (2,0 за Disco. Sport) важи само доколку се поаѓа со полна батерија и се вози на струја се до нејзиното целосно празнење, по што се вклучува бензинецот и понатаму погонската спрега работи комбинирано, како нормален хибрид.
















