Фирма од САД најавува 50-метарски камион со погон на водород

hyzon motors водороден камион 50 метри
hyzon motors водороден камион 50 метри

Одамна не е тајна дека водородниот погон прво ќе се пробие кај тешките товарни возила. Американската стартап-компанија Hyzon планира да направи уште еден чекор понапред и најавува камион со погон на водород, долг 50 метри.

Трката за погонската техника на иднината е во полн ек и тоа важи и за товарните возила. Американската стартап-компанија Hyzon развива технологија на водороден погон и воедно планира истата да ја вградува во камиони долги и по 50 метри.

Фирмата со седиште во Њујорк најавува дека в година ќе стартува со испорака на таканаречениот „патен воз“. Станува збор за влечна композиција со повеќе приколки и вкупна тежина од дури 140 тони. Струјата што е потребна за погонсите електромотори се произведува во горивна ќелија со моќност до 370 киловати.

Примерот за екстра долгиот камион пристига од Австралија, кадешто се вообичаени џиновски камионски композиции, што се користат првенствено за снабдување на подалечните и изолирани подрачја на континентот. Секако дека Hyzon ги планира своите 50-метарски камиони со водороден погон и за Австралија. Покрај „патниот воз“, најавена е цела низа камиони со погон со горивна ќелија, со носивост меѓу 15 и 40 тони.

Во зависност од големината на резевоарот, со едно негово полнење ќе може да се минуваат меѓу 500 и 2.000 километри. Hyzon ќе ги продава своите водородни камиони и во САД и Европа. Младата компанија наведува дека веќе прима нарачки за своите камиони.

Цела гама товарни возила со погон на водород, од фургон и минибус, до мега-камион

Во понудата ќе се најде и миниван, секако со погон на водород, кој со едно полнење ќе минува до 800 километри. Во соработка со компанија чиешто име засега не се открива, Hyzon планира уште во текот на годинава да стартува со испорака на автобуси. Тие ќе се изработуваат во варијанти со стандардните должини од 9, 12 и 18 метри. Нивниот досег ќе изнесува 500 километри.

Во првите три години по стартот на испораките, Hyzon Motors планира да произведе вкупно 2.000 возила. Продукцијата подоцна ќе се зголемува до 10.000 возила. Од сите најавени возила, моментно постојат само компјутерски анимации.

Претходна објаваKia со две победи во изборот на автомобил на 2020 година во Унгарија
Следна објаваVolkswagen R има моќна амбасадорка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here