Suzuki ја понесе титулата на марка што напредувала најмногу во поглед на нејзината атрактивност за возните паркови на големите компании во Британија. Изборот се одржува секоја година и претставува корисна помош за компаниите.
Suzuki во Велика Британија ја понесе титулата на автомобилска марка што напредувала најмногу во таканаречената флит-продажба, односно во делот на големите возни паркови на компаниите. Јапонскиот специјалист за мали автомобили и погон на сите тркала победи во оваа категорија во конкуренција на Mercedes, Toyota и Hyundai, кои се изборија за финалето.
Изборот се одржува по 32-ри пат и ги одликува врвните достигнувања на операторите со возни паркови, добавувачите и менаџерите во ова подрачје. Уделот на Suzuki на флит-пазарот се зголемил од 1,04 процент преклани на 1,25 процент лани. Во исто време, бројот на возила под договор за лизинг се зголемил за 132 проценти во споредба со 2018 година.
Јапонската марка лани победила на девет тендери во приватниот и јавниот сектор во земјата. Тоа што најмногу го издвојува Suzuki се штедливите бензински мотори со ниска емисија на штетни гасови, како и моделските изведби со благ хибриден погон и стартер-генератор, што моментно е најдостапно решение за реално намалување на потрошувачката на гориво и емисијата на СО2.

Напролет пристигаат и нови изведби со благ хибриден погон во комбинација со 1,4-литарскиот турбо-бензинец, во гамите на Vitara, S-Cross и Swift Sport. Станува збор за 48-волтна мрежа и стартер-генератор, во комбинација со мала батерија. При поаѓање и при возење со умерена брзина, стартер-генераторот дејствува како електромотор и го потпомага моторот, со цел да се намали потрошувачката на гориво. На тој начин се заштедуваат до 20% од горивото, а соодветно се намалува и емисијата на СО2.
Увозникот Миркат најави скорешно пристигање на новите моделски изведби со благ хибриден погон во гамата на Vitara, S-Cross и Swift Sport. Уште едно важно освежување е новото моделско годиште на Ignis.
Меѓу останатите марки што освоија награда на изборот:
- Победник во виша класа: Skoda Superb
- Победник во СУВ-сегмент од средна класа: Toyota RAV4
- Победник во категорија на електрични автомобили: Kia e-Niro
- Победник во категорија на најеколошки автомобили: Toyota
















