Вториот модел што излегува од работилницата на Toyota Gazoo Racing, по GR Supra, на главните европски пазари ќе може да се нарача од 18-ти март. Објавена е цената, стартот е од 33.000 евра. Toyota GR Yaris повеќе е создаден како наследник на Celica GT Four, отколку како спортско мини за пред кафуле.
Toyota објави нови детали околу спортската изведба GR Yaris, што во добар дел ја дели конструкцијата со тркачкиот болид за светскиот шампионат во рели. Моторот од 1,6 литар има три цилиндри и со турбополнач со тркалачки лежишта постигнува 261 КС и максимален вртежен момент од 360 њутнметри. Во комбинација со мошне поволен сооднос меѓу тежината и моќноста и со мануелен менувач, спринтот од место до темпо сто трае покусо од 5,5 секунди.
Посебност на Toyota GR Yaris е погонот на сите тркала GR Four, којшто ја распределува погонската моќ меѓу предната и задната оска во зависност од условите, со цел да обезбеди најдобра можна тракција. Во комбинација со лесна конструкција и вешто избалансирано подвозје се постигнати возни својства на шампионски автомобил, што остава впечаток и во секојдневието и на тркачка патека.

Со динамичен дизајн и спуштен покрив, проширени крила и врати без рамка, Toyota GR Yaris користи сопствена платформа, различна од стандардниот Yaris. Јапонската марка што повторно се враќа во некогашната полна форма во најпрестижните категории во мотоспортот, ќе понуди и уште поспортска изведба со посебно скроен пакет за високи перформанси. Деталите околу опремата ќе бидат објавени подоцна.
Неколку факти околу Toyota GR Yaris:
- Во Toyota посочуваат дека не станува збор за изведба со спортски нагласок, туку за чистокрвен спортски автомобил што излегува од рамките на класата на градските автомобили.
- По средбата меѓу четирикратниот рели-шампион Томи Макинен и Акио Тојода во 2014 година, Toyota се враќа во мотоспортот, во омилената категорија, релито.
- Срцето на GR Yaris е погонот GR Four, прв спортски погон на сите тркала по 20 години. Во дотерувањето на погонот учествуваа активни возачи во светското рели
- На располагање стојат три модуси на GR Four: За патека (сооднос 50:50), спортски (30:70) и нормален (60:40).
- Моторот е комплетно нов и тоа е најсилен трицилиндарец во светот. Моторот е развиен според нормите на WRC2 и користи материјали и технологија од мотоспортот, какви што досега не се врадувани во сериски мотор.
- Покривот е од пластика зајакната со карбон, стаклата во вратите немаат рамка, вратите и хаубата се од алуминиум – тоа ја смалува тежината за 38 kg во споредба со стандарден Yaris
- Покривот е 95 mm пониско во споредба со Yaris, во каросериајта се изведени врвни искуства во подрачјето на аеродинамиката
- Производството се одвива во Мотомачи, уникатна работилница, во којашто своевремено се изработуваше LFA, исто како и Supra A80 – GR Yaris се изработува рачно, десетпати подолго од серискиот модел
















