На две делници во вкупна должина од стотина километри во Австрија, две години беше дозволено да се вози десет километри побрзо од општиот лимит, значи до 140 km/h. Пробниот период заврши, властите ценат дека зголемената брзина е штетна за животната средина.
Австриската влада го заврши пробниот период во којшто беше дозволено на две делници на автопатот да се вози до 140 km/h. Според министерската за животна средина Леоноре Гевеслер, зголемената брзина предизвикала и зголемено оптоварување за животната средина. На двете делници во вкупна должина од 120 километри, се враќа вообичаното брзинско ограничување на 130 километри на час.
Тестирањето започна во 2018 година. Тогашниот министер Норберт Хофер имаше за цел да докаже дека зголемената брзина не влијае негативно врз животната средина или врз безбедноста во сообраќајот. Од јануари, Владата во земјата ја сочинуваат конзервативната Австриска народна партија и Зелените.
Во повеќе земји во Европа се воведуваат построги брзински ограничувања на сообраќајот. Во Германија, кадешто не постои брзинско ограничување на поголемиот дел од прочуениот аутобан, еколозите пресметаа дека со воведувањето на брзински лимит ќе се спречи емисија на 1,9 до пет милиони тони СО2 годишно. Холандија штотуку стартува со ограничување на брзината по автопатиштата на 100 киломоетри на час. Покрај тоа, во градовите се воведуваат се’ повеќе зони со темпо 30. Целта секогаш е истата, да се ограничи емисијата на СО2, како и да се подобри безбедноста во возење.
















