Honda има голема најава за салонот во Женева (од 5-ти до 15-ти март). До 2022 година, најпродаваните моделски серии на јапонската марка ќе бидат достапни во хибридна или чисто електрична изведба.
Последен пример за големото ветување што го дава Honda е новата генерација на Honda Jazz, којашто ќе биде достапна само со хибриден погон. На швајцарскиот салон ќе биде претставена и нова моделска изведба во гамата на градскиот автомобил. Jazz Crosstar е изведен како кросовер, со неколку каросериски додатоци во стил на теренец и со зголемено растојание од подлогата.
Кросоверот во гамата на Honda Jazz поседува и неколку стилски детали во внатрешноста, седишта обложени со водоотпорно платно и држачи за кровен багажник. Надворешноста на Jazz Crosstar се разликува уште по повпечатливата маска и бандажите со посебен дизајн за моделот.
Настапот на Honda на салонот покрај Лак Леман ќе ја комплетира освежената гама на Civic, којшто премиерно ќе се појави во изведбата Sport Line, по пример на некогашната Type S, како и во ексклузивната верзија Limited Edition.
















