Одбројувањето за финалето на изборот за светски автомобил на годината започна официјално со објавувањето на финалистите во петте категории на изборот. Салонот на автомобили во Њу Делхи првпат ја имаше честа да биде домаќин на прогласувањето на финалистите во овој ценет избор во светски рамки.
Во посебниот салонски павилјон што е посветен на организацијата на изборот за светски автомобил на годината беа изложени победниците од 2010, 2017 и 2018 година – Volkswagen Polo, Jaguar F-Pace и Volvo XC60. Во победничкото друштво се најде и BMW i3, победник во категориите за дизајн и еколошки автомобил во 2014 година, а потоа и најдобар градски автомобил во светот за 2017 година. Лани првпат во финалето се пласираше и автомобил од индиска продукција, Hyundai Santro, во категоријата на градски автомобили.
Тоа што светското жири за најдобар автомобил го избра најголемиот салон на автомобили во Индија за почеток на финалната трка секако дека не е случајно. Индија моментно е четврти најголем пазар за автомбили во светот, а до 2022 година се очекува да напредува и до третото место.
Во составот на жирито влегуваат 86 ценети и искусни автомобилски новинари од целиот свет, коишто ги избираат финалистите по пат на тајно гласање. Претходно, секој финалист се оценува професионално од страна на новинарите. За членовите на светското жири може да се прочита повеќе на http://www.worldcarawards.com/web/juror_list.asp
Светскиот автомобил за 2020 година ќе се избере меѓу 10-те финалисти, по нивното селектирање од првичниот список од 29 кандидати. Десетте финалисти во редослед според абецедата се:
- Hyundai Sonata
- Kia Soul EV
- Kia Telluride
- Land Rover Range Rover Evoque
- Mazda3
- Mazda CX-30
- Mercedes-Benz CLA
- Mercedes-Benz GLB
- Volkswagen Golf
- Volkswagen T-Cross
Во категоријата на најдобар градски автомобил во светот ќе се избира меѓу следните пет финалисти:
- Kia Soul EV
- Mini Electric
- Peugeot 208
- Renault Clio
- Volkswagen T-Cross
За најдобар луксузен автомобил во светот за 2020 година се натпреваруваат:
- BMW X5
- BMW X7
- Mercedes-Benz EQC
- Porsche 911
- Porsche Taycan
Пет финалисти за најдобар спортски автомобил во светот:
- BMW M8
- Porsche 718 Spyder/Cayman GT4
- Porsche 911
- Porsche Taycan
- Toyota GR Supra
Сите автомобили што се натпреваруваат во претходно наведените четири категории влегуваат и во конкуренција за автомобил со најдобар дизајн во светот за 2020 година. Стручен панел од седум прочуени и ценети експерти за дизајн во светски рамки ги издвојува автомобилите за кои што понатаму гласа жирито на изборот. Имињата на дизајнерите се добро познати: Јан Калум, Патрик ле Квеман, Гордон Мареј, Том Матано и други.
Петте избрани финалисти од дизајнерите се: Alpine 110S, Mazda3, Mazda CX-30, Peugeot 208 и Porsche Taycan.
Изборот се одвива во повеќе фази, вклучувајќи обемни тестирања на сите кандидати. Претходната фаза беше на салонот во Лос Анџелес во ноември, кадешто исто така беше организирано тест возење.
Следната фаза е на салонот во Женева, кадешто ќе се прогласи Топ 3 во финалето на светскиот избор за автомобил на годината, а воедно ќе се објави и изборот на личност на годината од автомобилската сфера.
Финалето ќе се случува на голема церемонија на салонот во Њујорк, на 8-ми април 2020 година, кадешто ќе бидат прогласени победниците во сите пет карегории на изборот.
Изборот на светски авотмобил на годината никогаш не запира, туку продолжува во август, на Британскиот Мотор Шоу. Таму ќе бидат објавени кандидатите за 2021 година и ќе се прославуваат актуелните победници.
















