Првата генерација на Toyota Celica е еден од тие автомобили, што многумина ги посакуваат кога сите се допатувани и патиштата се празни, а светот во тие моменти го сочинуваат единствено возачот, патот, и секако убаво друштво на совозачкото седиште. Автомобили што вредат и за секој друг ден.
Од другата страна на Големата Бара, во земјата на неограничените можности, во САД, Toyota во тоа време е веќе добро позната и докажана марка. Јапонската марка нуди компактни, издржливи и достапни автомобили. Меѓутоа, продавачите на Toyota, а тоа значи и самиот пазар, бараат нешто повеќе. Се бара автомобил што ќе ги побудува емоциите, нешто слично на американските пони-автомобили, на Ford Mustang.
Инженерите на Toyota веќе работат на исполнувањето на тие желби. Во 1970 година, јапонската јавност со зачуденост ја доживува премиерата на првата Toyota Celica. Следната година, купето стартува со продажба во САД, фактички главниот пазар за моделот. Спортскиот автомобил е практичен со конфигурацијата на седишта 2+2, а воедно се нуди по подостапни цени од конкурентските модели.
https://photos.app.goo.gl/xxSZMSFkW45ay4Ci8
Celica не е првиот спортски автомобил на Toyota. Во земјата минимално се увезуваат автомобили од странските марки. Поради тоа, автомобилите што се наредени на стартот на трките не се разликуваат од оние што чекаат на такси-постојките во јапонските метрополи. Единствено Toyota и Nissan произведуваат спортски модели, меѓутоа нивната продажба е маргинална.
Малечката Toyota Publica Sport 800, почнува да се продава во 1965 година, но е исклучително ретка и не се извезува од земјата. Прочуената GT 2000, еден од автомобилите на Џејмс Бонд (во „Се живее само двапати“), но и трикратна носителка на светски рекорди и на 13 интернационални рекорди, се произведе во само 351 примероци меѓу 1967 и 1970 година.
Toyota имаше спортски автомобили и пред Celica, но тие беа исклучително ретки дури и на домашниот пазар
Работите се менуваат во 1970 година, кога купувачите можат и да си дозволат спортски автомобил од Toyota, место само да го сонуваат. Услов за постигнување на конкурентската цена беше техниката од спортскиот автомобил да се користи и во големосериска лимузина. Така било тогаш, уште повеќе е така денес. Со таа цел беше создадена првата Carina, техничка близначка, во семејна лимузинска изведба. Посебно за новата моделска двојка беше изградена нова фабрика во Цуцуми, Тојота Сити, во префектурата Аичи.
https://photos.app.goo.gl/n8o8xWQsLcGM5vEf7
Пазарот реагираше со одушевување, Celica и Carina се продаваа одлично, како во Јапонија, така и во САД. Сцената посебно се одушевуваше од спортското купе, од неговата препознатлива странична силуета, од отсуството на средишен столб, од долгата хауба и кусиот опаш. Целиот овој пакет се комплетираше со просторноста и практичноста на автомобилот.
Автомобил од времето кога двоен карбуратор ја правеше големата разлика; Некои имаа по два карбуратори
Првите примероци од Toyota Celica пристигнаа во Европа во пролетта 1972 година. Наспроти 28-те моделски изведби во Јапонија, на европскиот пазар беше достапна само една изведба, со основното ниво на опрема LT. Под хаубата работеше 1,6-литарец, со регистерски карбуратор и автоматски „саух“, со моќност од 79 КС.
https://photos.app.goo.gl/jdkEaETQ2XXXQ3n66
Поради релативно големиот интерес за моделот, понудата подоцна беше збогатена со моделската изведба ST, со двоен карбуратор и 86 КС. Врв во гамата беше Celica GT. Нејзиниот мотор поседуваше две брегасти вратила во главата и во комбинација со два карбуратори Solex постигнуваше 108 КС. Со овој мотор, купето спринтуваше од место до темпо сто за 10,9 секунди во 1970-те години.
Вообичаено за јапонските марки во тој период, моделското освежување следеше уште во 1975 година. Фабричката ознака на моделот се смени од TA22 во ТА23. Единствената измена во изгледот беше преместувањето на предните трепкачи во хромираниот браник. Суѓтинска разлика беше продолжувањето на меѓускиното растојание, заради вградување поголеми мотори во верзијата за северноамериканскиот пазар.
https://photos.app.goo.gl/VCk9syqF8GEGkfFV8
Како следен новитет во гамата, во 1976 година пристигна купе-комби изведбата Celica Liftback – како што и името навестува, со голем капак назад. Овој модел соодветно се води како TA/RA 28. За моделот да биде уште поатрактивен, неговата GT-изведба нудеше 120 КС. Во тоа време, дури и легендарниот Golf GTI имаше десет КС помалку од тоа. Celica сепак се издвојуваше во едно, во најважното… со задниот погон.
Во 1978 година пристигна наследничката Celica TA 40, којашто го задржа задниот погон, но согласно новиот дизајнерски правец ја напушти класичната „пони-линија“. Оваа генерација ќе биде воедно и најпродавана од вкупно седумте што Toyota ги произведе до 2005 година. Каде е Celica во денешната понуда? Јасно, во GT86.
Сите седум генерации на Toyota Celica
https://photos.app.goo.gl/iZTgm9m8D4v1QJkZ7
Многу приказни се поврзуваат со моделското име Celica…
…една од највпечатливите секако е онаа од релито, којашто почнува со победата на Сафари Рели во 1984 година, со Бјорн Валдегард зад воланот. Многу големи имиња, исто така: Ове Андерсон, Карлос Саинц, Јуха Канкунен, Дидие Ориол, Армин Шварц, Изолде Холдерид.
Toyota на буквата C
Името на спортското купе потекнува од таканаречениот C-период, кога Toyota своите модели ги именува со „C“ во почетокот: Century, Crown, Cressida, Camry, Carina, Corolla, Celica итн. Самото име, инаку, потекнува од „Cоelica“ и „Caeli “од латинскиот јазик и означува нешто рајско, небесно и славеничко
https://photos.app.goo.gl/rduY4jU7zx2fePmy7
https://photos.app.goo.gl/mW2u3KAT9QT7aVs3A
https://photos.app.goo.gl/idXHbr2VttvNEnQ2A
https://photos.app.goo.gl/UgW2NaimTb62qEzn9
https://photos.app.goo.gl/5ksLX9YgpcWjtAJC6
















