Технологијата Car2X овозможува автомобилите да разменуваат информации меѓусебно, исто како и со семафорите и со инфраструктурата. Тоа е добро за подобрување на безбедноста, а има корист и животната средина.
Безбедносните системи во автомобилите напредуваат постојано. Целта на индустријата и на бројни организаци ширум светот е бројот на жртви во сообраќајот да се сведе на нула. Во 2018 година, на патиштата во 28 држави во ЕУ имало 25.100 загинати, што е намалување за 21% во споредба со 2010 година. Статистиката покажува напредок, но мотото останува – секоја жртва е една жртва премногу.
За натамошно подобрување на безбедноста ќе се грижи таканаречената комуникација Car2X. Автомобилите ќе комуницираат меѓу себе, исто како и со инфрастуктурата, односно со семафорите. По обемни тестирања, оваа технологија се зрела за вградување во сериските возила.
Наједноставно е да се замисли дека во автомобилот што користи техника Car2X постои еден вид мрежен рутер, со досег до 800 метри и способен за брза размена на податоци. Car2X нема потреба од новата мрежа 5G или од каква било телекомуникациска услуга. Токму од таа причина, компаниите од овој сектор вршат притисок против Car2X. Тие, меѓу другото, остануваат и без податоците од и за корисниците, кои денес се највредни. Во „автомобилската мрежа“ имено, податоците се разменуваат анонимно и по кусо време се бришат од меморијата.

Познатиот конзорциум за оценување на безбедноста на автомобилите EuroNCAP од 2024 година ќе го вклучува системот Car2X во крајната оцена за одредено возило. За системот да се пробие на пазарот, неопходно е да се збогати и обемот на неговите функции. Најважно е сепак технологијата да се вградува масовно во новите автомобили, затоа што за еден автомобил да добие информација за опасност на патот што е оддалечена 800 метри од местото, потребно е на тоа место да има возило што користи Car2X. Системот, инаку, се вградува стандардно во Golf 8, исто како и во електричниот ID.3.
Возачите преку појавените знаци во инструментите или звучно предупредување ќе знаат однапред дека напред има застој, возило или пречка, или лизгав пат, за да бидат подготвени и да реагираат навреме
Уште една предност на Car2X е тоа што информацијата од и до возилото се пренесува безусловно, за разлика од радарите кои може да бидат покриени или од камерата што може да биде заслепена од силно светло. Добар пример за делотворноста на системот: Кога некој возач доцна ќе забележи дека има застој на патот и ќе запре силно, таа информација веднаш се пренесува до останатите возила што ја подржуваат техниката. Истото важи и за возило што е запрено поради дефект и испраќа предупредување до возачите што наидуваат на местото. Уште еден пример е вклучувањето на контролата на стабилноста, доколку патот е лизгав, поради голомразица. Таа информација се пренесува до останатите возачи во тој правец кои однапред знаат дека претстои лизгав пат и соодветно ја смалуваат брзината и се подготвуваат да реагираат.
Возилата за брза помош во иднина ќе можат да испраќаат дигитално предупредување до возилата напред. Во некој понапреден стадиум на примена, семафорите ќе бидат дел од Car2X. Тоа ќе овозможи, на пример, возилата на брза помош автоматски да активираат црвено светло на семафор кога се приближуваат до крстосницата. Уште едно замисливо сценарио е да се спречи возило да мине на црвено светло, преку дигитален „зафат“ во самото возило во моментот.
Пример за користа од техниката за животната средина може да биде возењето во „глуво доба“ ноќе. Место возилата да чекаат без потреба на црвено, семафорите автоматски ќе вклучат зелено светло, за возилата да минат. Така може да се постигне зелен бран, односно да се избегне мирување на возилото во место и големо локално загадување.
Камионите исто така може да искористат многу од техниката. Тие може да се поврзат во еден вид „плотун“, односно да возат на кусо растојание. Отпорот на воздух за возилата назад се смалува, а камионите ќе се менуваат на чело. Потрошувачката се смалува, животната средина се загадува помалку.
Сериското вградување на Car2X зависи првенствено од тоа дали големите производители на возила ќе се спогодат за тоа. Соодветниот ЕУ-стандард што стои зад оваа техника се води како WLANp ITS G5. Во меѓувреме се прави обид за пробив на 5G-мрежата на мобилните оператори. Кој систем ќе победи, уште е многу неизвесно. Предноста на Car2X во автомобилите е неговото брзо омасовување, затоа што нема потреба да се поставуваат 5G-антени, но и цената, којашто е значително пониска.
















