Ограничените серии и рачната изработка обично се поврзуваат со модели што веќе се ретки и скапи. Некогаш се цени и оригиналноста, а воедно има и добра заднина зад целиот проект. Британските MS-RT изработуваат тјунирана изведба на Ford Transit, во серија за 40-мина.
Името MS-RT не е ново на автомобилската сцена. Дури е многу познато име, за љубителите на светското рели, реликросот или трките во GT3. Со вакво искуство, британската компанија врши тјунинг на модели на Ford и досега неколкупати го има привлечено вниманието на сцената со своите преработки. Овојпат станува збор за специјална серија од Ford Transit Custom, којашто ќе се изработи во само 40 примероци.
Специјалниот модел се води како MS-RT R185 и се изработува во работилницата на компанијата во Понтипул, Јужен Велс. Како основа служи Ford Transit Custom комби-ван со двојна кабина. Каросеријата се лакира исклучиво во „слејт сива“ боја, во одделението за специјални преработки на самиот Ford. За дополнителна драма има ненападно додадени налепници во црвена и црна боја, во стил на рели, а посебен впечаток остава и уникатната пресна маска, со црвена средишна лајсна.
Би-ксенонските светла се стандард, заедно со цела армада системи за асистенција, вклучувајќи радарски темпомат, задна камера, приклучок за 230 волти и електромотор за задниот капак.
Бандажи од 18 инчи од OZ Racing се подразбираат, заедно со волан што целосно е изработен од карбон, со црвени штепови по целиот кожен ентериер, коишто се изведени со умешност на врвен мајстор на својот занает. Буквално за крај следат издувни цевки во црна сјајна боја.
https://photos.app.goo.gl/KMxZruAM9GTtD1Hq8
Развиена е посебна апликација што произведува звук на спортски издув, користејќи ги звучниците во возилото, како надополнување на динамичните возни својства на подвозјето, во коешто се применети богатите искуства на MS-RT во мотоспортот. Моторот е дволитарски дизел со 185 КС и 415 њутнметри.
Велшкиот тјунер гарантира три години и 160.000 километри без проблеми, и продолжува да го привлекува вниманието со своите преработки на сите каросериски изведби на вановите на Ford.
https://photos.app.goo.gl/XEvcpmNrFXeSS3Wn8
















