Jaguar F-Type изведе цела серија лупинзи во рекламното видео за освеженото издание на моделот. Како минијатура во размер 1:64 изработена од специјалистот Hot Wheels, малечкото купе на патека долга 323 метри направи 25 лупинзи, три скокови, четирипати минуваше мост и извозе 44 свијоци.
На целото ова патешествие, F-Type извозе низ сите дизајнерски фази што ги минуваат новите модели во британската куќа. На крајот на филмот, моделот го прави завршниот скок и се наоѓа пред паркиран Jaguar F-Type.
Во тесна соработка меѓу дизајнерите на Jaguar и експертите од Hot Wheels, за изработка на минијатурата се користеа верни CAD-податоци. Малечкиот автомобил, секако дека беше изработен со техника на 3D-печатење. Тимот на Hot Wheels успеа да ја копира „велосити сината“ боја, којашто се користи во одделението за специјални возила на Jaguar.
За време на возењето по патеката дизајнирана од специјалистот Пол Шмид, малечкиот F-Type, пресметано според неговата големина, на места достигнуваше брзина до 480 километри на час. Мини изданието на Jaguar F-Type од Hot Wheels ќе се појави во продажба во октомври 2020 година.
















