Во историјата на автомобилските марки секогаш има по некое ново поглавје. За јубилејот на Lotus, сцената се присетува дека една млада девојка пред 70 години му зајмила 50 фунти на својот дечко, за тој да ја регистрира фирмата. Lotus годинава го произведе 100.000-от автомобил
Годинава и Lotus го одбележува 70-от јубилеј од основањето на марката, покрај својот врсник Porsche. Овој важен историски момент доби дополнителна тежина со тоа што се поклопи со производството на стоилјадитиот автомобил со знакот на Lotus. Одобрението за јубилејниот примерок да оди во продажба го даде една госпоѓа, за која што само малкумина знаат колку е значајна за марката, поточно за нејзиното основање. Тоа е Хејзел Чепмен, вдовицата на основачот Колин Чепмен.
Стоилјадитиот Lotus потекнува од специјалната серија од Evora GT410 Sport, со името на тркачката легенда Џим Кларк. Бескомпромисното спортско купе е изработено рачно на местото од кадешто почна да се создава историјата на британската марка.
Во придружба на синот Клајв, Хејзел Чепмен коментираше при првата средба со Lotus со број 100.000: „Пред 70 години не помислував дека ќе постојат 100.000 примероци од Lotus. Бескрајносум горда на компанијата и на наследството на Колин. Lotus уште произведува фантастични спортски автомобили и трогната сум што го гледам 100.000-от автомобил.“
Колин Чепмен го изработи својот прв тркачки автомобил во 1948 година, потпирајќи се на сопствените теории за подобрување на перформансите. Четири години подоцна е основан Lotus Engineering. Сер Чепмен менува од корен неколку закоравени правила во тоа време и пронаоѓа нови начини за автомобилите да ги направи побрзи и поуправливи. Тие принципи опстојуваат и денес, по 70 години.
Госпоѓа Хејзел е првиот инвеститор во Lotus, зајмувајќи му 50 фунти на својот „дечко“
Хејзел Чепмен има голема заслуга за постоењето на Lotus. Пред 70 години, таа му зајмува 50 фунти на својот дечко, за тој да го регистрира Lotus Engineering – со седиште во гаражата на нејзините родители, во предградие на Лондон. Колин Чепмен врши неколку важни преправки на тогашниот Austin Seven и со тоа го комплетира првиот автомобил на Lotus, Mark I. Хејзел му помага на Колин да го состави возилото, па дури и седнува на совозачкото седиште, кога Mark I ги постигнува првите две победи на трка во својата класа.
Дамата што во овие денови го виде стоилјадитото поглавје на историјата на Lotus, на времето работела дури и на проектирањето и дизајнирањето на сегашното седиште на Lotus во Хетел, коешто тогаш е напуштена аеро-база.
Колин Чепмен загинува на трка во Хокенхајм, Германија, во 1968 година. Славеничкиот Evora GT410 Sport се појави годинава пред публиката на фестивалот во Гудвуд, во „дворот“ на лорд Марч, со истата комбинација на бои на каросеријата како кај оригиналниот Lotus Elan на Џим Кларк. Овој британски возач освои две шампионски титули во формула 1, во 1963 и 1965 година.
Lotus Evora GT410 Sport тежи „сув“ 1.256 килограми, вози со 3,5-литарски V6 со механички компресор, со 410 КС при 7.000/min и 420 њутнметри при 3.500 вртежи во минута. Спринтот до 60 милји на час или 96 km/h трае 3,9 секунди. Менувачот е мануелен, на задната оска дејствува торсен-диференцијал со механичка блокада.
Куса историја. И видео што кажува многу.
Теренецот на Lotus ќе биде најлесен во сегментот

















