Унгарија е новата ветена земја за производителите на премиум автомобили. BMW гради фабрика за 150.000 автомобили, Daimler неодамна најави втора фабрика, а Audi е присутен во земјата уште од времето кога и Македонија конкурираше за производство на A3
BMW ќе гради фабрика во Унгарија, во непосредна близина на градот Дебрецин во североисточниот дел на земјата. Фабриката ќе чини една милијарда евра и со произодствен капацитет за 150.000 возила годишно ќе создаде повеќе од 1.000 нови работни места.
Групацијата BMW повторно инвестира во Европа, откако во последниве години имаше масивни зафати во Кина, Мексико и САД. Покрај тоа, баварците само во текот на годинава ќе вложат околу една милијарда евра во модернизација на фабриките во Германија и во нивна подготовка за електромобилноста. Европа сé уште е производствена локација број 1 за групацијата BMW.
Во секоја фабрика на BMW во иднина ќе се произведуваат и електрични возила, вклучувајќи и плагин-хибриди. Тоа секако важи и за идната фабрика во Унгарија. BMW не открива кои модели ќе се произведуваат во Дебрецин, но денешното производство се одликува со толку висока флексибилност, што приспособувањето за нова моделска серија може да се изведе во неверојатно кусо време.
Масовното присуство на добавувачи и обучената работна сила беа пресудни за BMW да го избере Дебрецин
Лани групацијата продаде 1,1 милион возила на европскиот пазар, што беше 45 проценти од вкупната продукција. До крајот на јуни годинава, BMW има продадено 560.000 возила во Европа, што е за 1,2 процент повеќе отколку во истиот период лани.
BMW има сопствено претставништво во Унгарија уште од 2004 година. Неговите активности се одржување контакти и преговори со локалните добавувачи. Лани групацијата купила од Унгарците материјали и услуги во вредност од 1,4 милијарда евра.
Датумите околу стартот на фабриката ќе бидат објавени како што проектот ќе напредува кон следните фази. Моментно групацијата BMW има дванаесет фабрики само во Европа: Фабрика за мотори во Австрија (Steyr), Динголфинг, Минхен, Ландсхут, Регенсбург, Ајзенах, Лајпцих и Вакерсдорф во Германија, фабрика за мотоцикли во Берлин, и уште три фабрики во Велика Британија (Оксфорд, Свиндон, Хемс Хол). На глобално ниво постојат уште две фабрики во Кина, како и по една фабрика во САД, Мексико, Јужна Африка и Тајланд.

















