Германското премиум трио води остра конкурентска битка и за големиот кинески пазар. Mercedes во јуни ја зголеми предноста, BMW само што не го престигнал Audi
Mercedes во минатиот месец го зголеми водството како најпродавана премиум марка на кинескиот пазар, пред Audi и BMW. Марката со сребрената ѕвезда и натаму бележи двоцифрен пораст на најголемиот автомобилски пазар во светот. Во јуни, Mercedes продал за 14% повеќе или вкупно 56.944 возила.
На второто место е Audi со 48.177 возила, што е за 7,2% помалку во споредба со истиот месец лани. BMW е во позитивен тренд и со само стотина возила помалку е на третото место. Падот во продажбата на Audi се должи на штрајкот на локалните дилери, кои престанаа да нарачуваат нови возила, откако марката на концернот Volkswagen лани се обиде да организира паралелна дистрибутивна мрежа.
Во првото полугодие, Mercedes продаде вкупно 340.000 возила (+14%) на кинескиот пазар, Audi постигна уште поголем раст со 20%, но остана на 306.590 продадени примероци, додека продажбата на BMW напредуваше за 3,4 проценти, на вкупно 286.537 возила.
















