На стадионот Јохан Кројф во Амстердам почна со работа најголемиот систем за акумулирање енергија во комерцијален објект во Европа. Рециклираните батерии на стадионот на Ајакс потекнуваат од Nissan Leaf
Најголемиот производител на електрични автомобили во светот Nissan и фудбалската арена Јохан Кројф во Амстердам остварија уникатна соработка. Во холандскиот стадион проработе најголемата станица за акумулирање енергија во стари батерии од електрични автомобили во Европа, инсталирана во комерцијален објект.
Акумулаторот со капацитет од 3 мегавати ќе испорачува струја за потребите на стадионот, за посетителите, соседите, а воедно е поврзан и со националната електродистрибуција. Идејата е во џиновската батерија, со големина што одговара на 148 батерии од Nissan Leaf, да се акумулира енергијата произведена во сончевите панели на покривот. На тој начин, акумулираната струја може да се користи за напојување во време на скапа тарифа, да се стабилизира мрежата при големо оптоварување, а батерискиот капацитет може и да се нуди на берзата на струја.
Јохен Кројф Арена е еден од најодржливите стадиони во светот
Со капацитет од 3 мегавати и 2,8 мегаватчасови, Јохан Кројф Арена може да снабдува со струја неколку илјади домаќинства. Тој воедно овозможува оптимално акумулирање на електричната енергија којашто ја произведуваат 4.200 соларни панели на покривот. Покрај тоа, станицата се активира при прекин во струјната мрежа и ја исклучува потребата од користење дизел генератори.
Домот на АФЦ Ајакс и сцена на холандскиот национален тим се користи и за големи концерти, игранки и бизнис конференции. Стадионот пречекува повеќе од два милиони посетители годишно.
















