Автопилотот уште не е дораснат да го замени возачот

автопилотот тестирање британија 1

Независно тестирање во обична ситуација во возачкото секојдневие ги покажа катастрофалните слабости на автопилотот. Техниката за автономно возење треба да созрева уште долги години додека го достигне возачот во безбедноста при возењето. Целта сепак е автопилотот да биде побезбеден од возачот

Сигурно е дека возачот еден ден ќе стане непотребен зад воланот на автомобилот. Но, до тој ден има уште многу време. Производителите во моментов вградуваат многубројни системи за асистенција во своите возила, но никој од овие системи не го заменува возачот.

Идејата е автопилотите да ја подобрат безбедноста на патиштата и да ги сведат судирите на нула, но постојано пристигаат вести за незгоди со кобни последици, коишто биле предизвикани токму поради тоа што возачот премногу верувал во способноста на техниката. Неоспорно е дека автономното возење функционира, но дури и највообичаените промени во условите пред возилото можат да го збунат автопилотот.

автопилотот е небезбеден тестирање

Истражувачки центар во Британија покажа колку е „глупава“ техниката. Автопилотот на тест-автомобилот, во случајов Tesla Model S, вози без проблеми следејќи ја колоната напред. Но, кога возилото пред Tesla одненадеж преоѓа во соседната лента за да избегне автомобил што е запрен на патот, автопилотот продолжува без да ја забележи опасноста и удира со полна брзина во запрениот автомобил, односно во балонот што симулира автомобил.

Одговорноста за незгодите честопати се префрлува на возачите, од едноставна причина што и правните рамки уште се нејасни околу автономното возење. На производителите им е доволно само да наведат во прирачникот за возилото, дека рацете на возачот мора цело време да се наоѓаат на воланот и дека автопилотот е само помошен систем, којшто не може целосно да го замени возачот. Тоа е делотворно исто колку советот да не се користи телефон за време на возењето.

Претходна објаваСеријата 8 на BMW ја спасува разновидноста на автомобилските форми
Следна објаваЕлектрични автобуси во јавниот превоз во Берлин

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here