Големите автомобилски салони го изгубија значењето што некогаш го имаа кај производителите. Тоа е убедувањето откако повеќе автомобилски марки пред неколку години почнаа да се откажуваат од настап во Франкфурт, Женева или Париз. Но, тоа што се случува деновиве на салонот покрај Лак Леман покажува друга слика. Салоните и натаму им се особено важни на производителите на автомобили. Тука се гради имиџот, тука се освојуваат купувачите. Некои марки сепак пропуштаат да се покажат во добро светло пред публиката, исто како и пред конкурентите. Во овој Топ 10 го издвојуваме тоа што редакцијата на Automedia го виде како најголем погодок или како најголема утка на салонот во Женева.
1 Jaguar I-Pace
Апсолутна ѕвезда на салонот. Сé е сработено по правило на служба, чесно и искрено. Роковите се испочитувани, нарачките се веќе стартувани, ценовникот почнува од 70.000 евра. Електричниот теренец на Jaguar е реалност, Tesla Model X паѓа во втор план. Единствено преостанува да се чекаат сензационалните вести од пазарот.
2 Toyota Auris
Сите производители на автомобили си направија Golf, само Toyota го има Auris. Додека конкурентите во компакт класата ја изгубија посебноста, јапонскава (поточно, европска) комбилимузина добива уште толку посилен печат во новата генерација. Подинамична во возење и на око, исчистена од дизели, за првпат со две хибридни опции – едната со 122, втората со 180 КС во комбинација со нов дволитарец.
3 BMW M8 Gran Coupe
Баварците докажуваат дека моќните, дрски и самоуверени возачки машини со класичен погон и класични автомобилски вредности ќе продолжат да возат паралелно со неогрешените, чисти и разумни хибридни-електро-водородни автомобили. Купе-лимузината од новата суперсерија на BMW пристига в година, но затоа класичното купе со две врати ќе почне да вози веќе во 2018.
4 Aston Martin Lagonda
Aston Martin не само што ќе ја лансира Lagonda како посебна марка, туку ќе ја лансира директно на врвот, меѓу Rolls-Royce и Bentley. Идејата на шефот Енди Палмер е да понуди стилски авангардна и технолошки супериорна марка од врвната лига, којашто ќе ѝ се допаѓа на генерацијата „смартфон“. Со радикалниот пристап од концептната Lagonda, идејата може и да успее. Тоа е добро и заради „баланс“ со Valkyrie.
5 Range Rover SV Coupe
Британците уште еднаш покажуваат кои се благородниците на автомобилската сцена. Range Rover на салонот не доаѓа со најсилниот, најекстремниот и најгротескниот супертеренец (Lamborghini Urus), ниту пак со најдебелата и најизмазнета каросерија (Bentley Bentayga), туку само со купе-верзија на својот знаменосец. Со две врати помалку, Range Rover постигнува повеќе отколку конкурентите со нивните „нај“ понуди. Серијата ќе се изработи рачно, во најмногу 999 примероци, за клиенти што сигурно ќе ја натплатат основната цена од 240.000 фунти, за нивниот примерок да биде подобар од останатите. И првиот Range имаше две врати.
6 GFG Style Sybille
Таткото на автомобилскиот дизајн, Џорџето Џуџаро, вели дека му е доволно од СУВ-модели и кросовери. Тој, всушност, меѓу првите почна со „вертикалниот“ развој на автомобилите. Електричната лимузина со згодно име Sybille покажува неколку интересни идеи. Но, малку е веројатно дека производителите ќе го послушаат Џуџаро. СУВ-трендот им овозможува на производителите со малку напумпана каросерија да постигнат многу напумпана цена. Неколку килограми железо плус се наплаќаат најмалку по две-три илјади евра.
7 Mercedes-AMG GT 4
Можно објаснување е дека Mercedes е испаничен од фаците што му го возат CLS, а точно објаснување е дека Mercedes-AMG со верзијата на GT со четири врати успева да го понуди најсемејниот спортски автомобил. Како тоа да му е важно некому. Porsche Panamera, здодевна си.
8 Lexus UX
Ако NX му помогна на Lexus да го постигне најголемиот пораст во продажбата и овозможи публиката безпоговорно да ја прифати најголемата стилска трансформација на марката, тогаш што помалку од тоа треба да постигне компактниот UX? Кросовер во класата на X1 и Q3, хибриден погон, комплет.
9 McLaren Senna
Зошто од сите суперспортски марки само на McLaren му успева да биде во центарот на вниманието, без да понуди СУВ, купе-лимузина, електричен автомобил?
10 Audi A6 50 TDI quattro
Audi A6 всушност требаше да се најде многу повисоко на овој Топ 10. Лимузината конечно го оддава духот на премиум автомобил, врвната технологија буквално му се чита во дизајнот, не недостигаат ниту традиционалните стилски елементи како големиот трет прозорец. Но, зошто мораше лимузината толку нападно да се идентификува како TDI? Доволно ќе беше на „таблицата“ да пишува Audi A6, место A6 50 TDI quattro. Вака на светот само му се соопштува пораката: Не сакаме да се откажеме од нашите дизели, вака заработуваме повеќе, не мораме да вложуваме одново во производството.
Топ 10 утки на салонот во Женева
1 Mansory Bugatti Veyron
Неприкосновено прво место на листата на најголеми утки за контроверзната тјунерска работилница Mansory. На штандот во Женева се наоѓа Bugatti Veyron со специјална доработка на каросерискиот лак – која што многумина ја оценија дека им изгледа како возилото да го покакале чавки.
2 Ford Mustang Bullitt, Jeep Grand Cherokee Trackhawk & Co.
Минус поради политичкиот притисок од Трамп, кој мисли дека сосила ќе постигне по европските патишта да има исто толку шевролети колку што има мерцедеси по американските. Светска политика во забавишни денови.
3 Audi E-Tron, Porsche Mission E Cross Turismo, Volkswagen I.D. Vizzion
На штандот на Jaguar е изложен електричен автомобил што може да се нарача веднаш, кај Hyundai исто така има електрична верзија на Kona, алијансата меѓу Nissan и Renault веќе има продадено стотици илјади автомобили со погон на струја. Наспроти тоа, Volkswagen како штотуку го открива електричниот погон. Поинаку не може да се разбере, кога на штандовите на Audi, Porsche или на матичниот VW ќе се здогледаат концепти на електрични автомобили. Audi E-Tron, инаку, стартува со продажба веќе годинава, потоа е на ред Porsche, а во меѓувреме и Volkswagen. Зошто оваа забуна?
4 Peugeot 508
На Французите веќе со децении не им успева да понудат модел што достојно ќе се бори во средната класа, автомобил што барем делумно ќе го повтори успехот на Peugeot 406 или 407. Но, никогаш досега тие не вложиле помалку напор да фатат чекор со Passat, Superb или Insignia, отколку со новиот 508. Штета, најмногу поради традицијата на моделските легенди како Peugeot 504 или 505. Некогаш постоеше и 604.
5 Mercedes хибрид-дизел
Големо разочарување со пристигањето на новата генерација дизел-хибриди во C-Class и E-Class. Индустријата упорно се држи до своите дизели, политиката упорно притиска да ги потисне од улиците. Спрегата меѓу индустријата и политиката никогаш не била повеќе очигледна отколку во последниве неколку години. Наспроти тоа, во S 560 e си работи нормален бензин-хибрид. Некои појави не се објаснуваат.
6 Cupra како спортска марка на шпанската марка на Volkswagen
Кус коментар некогаш е поголем од долг коментар. Американската автоиндустрија до неодамна ги произведуваше Oldsmobile, Plymouth, Pontiac, Mercury, Saturn, Hummer… Saab…
7 Maserati Levante Nerissimo
Теренецот на Maserati никој не го регистрира како конкурент на Porsche Cayenne. Тоа би можело да се смени со новата верзија GTS со осумцилиндарец од Ferrari. Но, како Италијанците ќе ги убедат купувачите да го изберат нивниот Levante? Во меѓувреме, на штандот на Alfa Romeo се појавува специјална серија Nring Edition од „рекордерските“ Stelvio и Giulia. Maserati балансира со серија Nerissimo, којашто не нуди ништо друго освен што е комплетно црна внатре и надвор. Некако се измешани улогите, купувачите на тоа реагираат така што не реагираат воопшто.
8 Hyundai-Universal
Hyundai се претвора во универзална марка, нешто како Samsung во автомобилската индустрија. Електрични автомобили, водородни автомобили, студии на ексклузивни лимузини, хибридни модели, градски автомобили, спортски компакти, престижни крстосувачи. Првата асоцијација кога ќе се спомне марката е? Точно така, нема одговор, недефинирано.
9 Kia Ceed
Дали е договорено новиот Kia Ceed да изгледа како нов Ford Focus и обратно?
10 Opel
Од сите марки на францускиот PSA, во Женева не изложуваше единствено новиот член Opel. Тоа е најблаго кажано некултурно од новите газди.
Ова се визиите за иднината од салонот во Женева
Чудните автомобили се нормална појава на салонот во Женева
Летечки автомобил од половина милион евра на салонот во Женева




































