Овој Mercedes прави Panamera да изгледа здодевно

Mercedes-AMG GT 4

Mercedes-AMG GT 4 е верзија на стандардното спортско купе на AMG со дополнителен чифт врати. Освен тоа што има две седишта повеќе и малку повеќе багажник, во тркачката душа на ова GT не се менува многу. Има и верзија со хибриден погон, со компресор со електричен погон и 48-волтна мрежа.

Повеќе простор, повеќе моќност, а истата доза возачко уживање. Така Mercedes-AMG ја претставува новата верзија со четири врати од купето GT. Како втор модел развиен самостојно од спортската подмарка на Mercedes, GT 4 нуди поголема практичност во секојдневието, но ја задржува изразената спортска нота на стандардниот GT.

Mercedes-AMG GT 4 5

Со препознатливата силуета, AMG GT 4 се разликува драстично од втората купе-лимузина со знакот на Mercedes. За разлика од CLS, кој се претставува како елегантна и стилска алтернатива, GT 4 јасно настапува како чистокрвен спортски автомобил. Porsche Panamera добива силен конкурент.

Најсилната варијанта на купе-лимузината на AMG постигнува 315 km/h

Во топ-моделот AMG GT 63 S работи познатиот 4,0 V8 битурбо со 639 КС и вртежен момент од 900 њутнметри. Спринтот до 100 km/h завршува по 3,2 секунди, крајното темпо е 315 km/h. Без додатокот S, купе-лимузината располага со 585 КС. Обете верзии стандардно возат со погон на сите тркала. Mercedes-AMG во V8 моторот за првпат користи валчести лежишта во двата турбополначи. Тоа го намалува триењето, турбината реагира побрзо.

Mercedes-AMG GT 4 1

Штедливоста не му е непозната на масовно вградуваниот V8 во целата гама на Mercedes. Кога е избрана комфорна програма за возење и возачот не бара повеќе од 3.250 вртежи, половина од цилиндрите се исклучуваат. Поголем талент во овој поглед има верзијата AMG GT 53 4Matic, со новиот линиски шестцилиндарец на AMG.

Mercedes-AMG GT 4 6

Трилитарецот со 435 КС располага со буст-функција, со екстра 22 КС и 250 њутнметри. Оваа дополнителна моќност е дело на EQ Boost стартер-генераторот, односно на електромоторот кој вграден меѓу моторот и менувачот, и којшто ја презема и функцијата на стартер и алтернатор. Во комбинација со дополнителен компресор со електричен погон и со класичен турбополнач, AMG GT 53 постигнува иновативна комбинација од штедливост и спортски перформанси, со фабрички декларирани 9,4 литри на сто километри. Спринтот трае 4,5 секунди, крајната брзина изнесува 285 km/h.

Со 48-волтната мрежа се отвора простор за нови функции

Споменатиот EQ Boost стартер-генератор произведува струја и за 48-волтната мрежа на GT 53. Преку DC/DC претворач се снабдува и обичната 12-волтна мрежа, за светлата, кокпитот, инструментите и контролните уреди. Со 48-волтниот акумулатор се зголемува батерискиот капацитет на целото возило и се добива повеќе електрична енергија за нови функции. Mercedes најавува нови системи за асистенција и инфо-забавни функции коишто ќе следат со воведувањето на 48-волтната мрежа.

Mercedes-AMG GT 4 2

Обете моделски изведби поседуваат автоматик со 9 степени, но во различна варијанта. Осумцилиндарските модели користат AMG SPEEDSHIFT MCT 9G, со таканаречена мокра спојка за поаѓање. Тоа штеди тежина и инертност, менувачот реагира побрзо. Софтверот се грижи за куси промени на степен, враќање повеќе степени и функција на меѓугас. Дополнително стои на располагање и функција Race Start. Наспроти тоа, шестциулиндарците се комбинирани со AMG SPEEDSHIFT TCT 9G, кој работи со класичен претворач на вртежен момент.

Mercedes-AMG GT 4 3

Разлики има и во подвозјето. AMG 53 стандардно располага со спирални пружини и приспособлива амортизација, додека осумцилиндарскиот AMG 63 се испорачува со повеќекоморна пневматска амортизација AMG Ride Control+. Со доплата може да се добие и управување на задната оска, коешто е стандард кај V8-моделите.

Mercedes-AMG GT 4 4

Како чистокрвни тркачки машини, купе-лимузините на AMG поседуваат и параметарско управување со променлив преносен однос и три степени на чувствителност, исто како и композитни или керамички сопирачки дискови (со доплата), со сопирачки клешти во сребрена боја кај V6, црвена кај V8 и жолта кај V8 S, односно бронзена боја кај керамичката опција.

AMG GT 53 и AMG GT 63 стандардно лежат на бандажи со 10 краци во ванадиум-сребрена боја, со димензија 9,5 J x 19 H2 ET 22 и гуми 255/45 R 19 напред, односно 11,0 J x 19 H2 ET 17 со гуми 285/40 R 19 назад. AMG GT 63 S 4MATIC+ стои на петкраки полирани бандажи во тантал-сива боја, со димензија 9,5 J x 20 H2 ET 22,5 и гуми 265/40 R 20 напред, односно 11,0 J x 20 H2 ET 20 и гуми 295/35 R 20 назад.

Продажбата на купе-лимузината AMG GT 4 ќе стартува налето.

Mercedes-AMG GT R извозе нов рекорд на Нирбургринг

Париз 2016: Гласниот Mercedes-AMG GT Roadster ја вознемири француската престолнина

Mercedes-AMG GT R: Овој е излезен од „Зелениот пекол“

Претходна објаваЛетечки автомобил од половина милион евра на салонот во Женева
Следна објаваЧудните автомобили се нормална појава на салонот во Женева