Најголемиот добавувач на автомобилската индустрија веќе трпи штета поради намалената продажба на возила со дизел мотор. Неизвесно е продолжувањето на работата на фабриката за инјектори на Bosch во Франција.
Францускиот министер за финансии Ле Мер во следната недела ќе одржи средба со врвниот менаџмент на Bosch, на којашто ќе се разговара за иднината на фабриката за инјектори за дизел мотори во земјата. Производителите на автомобили и нивните добавувачи се загрижени поради големиот пад во продажбата на возила со дизел мотор. Во фабриката на Bosch на југот на Франција се вработени повеќе до 1.500 лица.
Владата на Франција ќе побара од германската компанија да инвестира во постоечките погони и да го прошири производството со нови компоненти. Продажбата на дизелот е во постојано опаѓање откако пред две години изби скандалот со прекумерната емисија на штетни материи од моторите на Volkswagen. Германскиот концерн плати високи казни во САД, што беше опомена и за повеќето автомобилски гиганти, коишто се под сомнение дека користеле недозволени техники за прикривање на вистинската емисија на штетни материи од дизел моторите.
Учеството во продажбата на возила со дизел мотор веќе е под 50 проценти
Пазарното учество на возилата со дизел мотор во Франција, лани за првпат падна под 50% по близу две децении. Пред пет години, дури три четвртини од продажбата во земјата отпаѓаше на автомобили со дизел мотор. Според министерот Ле Мер, повеќе од 12.000 работни места се директно загрозени поради намалувањето на продажбата на дизелот.
















