Десеттата генерација на Honda Accord е автомобил на 2018 година во Северна Америка. Во финалето се бореа уште Toyota Camry и Kia Stinger, но жирито одлучи трета година по ред да ѝ ја додели титулата на Honda.
Десеттата генерација на Honda Accord ја освои титулата на автомобил за 2018 година во Северна Америка. Со победата на Accord, Honda трета година по ред го освојува највисокото признание од северноамериканското жири од автомобилски новинари. Лани победи Honda Civic, додека во 2016 година, првото место во категоријата на „камиони“ му припадна на Ridgeline.
Моделот од средната класа на Honda веќе 35 години се произведува во фабриката во Охајо. Американското жири ги пробласи победниците од годинешното гласање за време на одржувањето на салонот во Детроит. Accord победи во категоријата на автомобили, пред Toyota Camry и Kia Stinger. Титулата за најдобар теренец ја освои Volvo XC60 (пред Alfa Romeo Stelvio и Honda Odyssey), а меѓу камионите (како што се водат големите теренци и пикапи на тамошниот пазар), Lincoln Navigator ги победи Chevrolet Colorado ZR2 и Ford Expedition.
Honda Accord во 1982 година беше прв јапонски автомобил произведен во САД
Комплетно новата генерација на Accord е полесна и со повисока цврстина на каросеријата во споредба со претходникот. Во понудата од погонски единици влегуваат два комплетно нови турбобензинци, 1,5-литарски со 192 КС и дволитарски со 252 КС, како и хибрид во комбинација на дволитарец со 143 КС и електромотор со 181 КС, со системска моќност од 212 КС. Во моделот со посилниот бензинец се користи првиот десетстепен автоматик во комбинација со преден погон.
Во изминатите четири децении, Accord достигна продажба од 13 милиони примероци на северноамериканскиот пазар, од кои 11 милиони се произведени локално. Во 1982 година, тој беше прв модел од јапонска марка произведен во САД.
















