Honda Insight повторно ќе биде дел од моделската понуда на јапонската марка. На салонот во Детроит во јануари претстои премиера на Insight Prototype. Погонот повторно е хибриден, но со различна концепција, а се менува и каросерискиот концепт. Место комбилимузина со паралелен хибрид, следи голема лимузина со класичен хибрид.
Honda Insight Prototype ќе доживее премиера на салонот во Детроит во средината на јануари. Тоа е најава за новата лимузина којашто ќе биде позиционирана над Civic и ќе стартува со продажба в година. Претходникот со ова име беше компактна комбилимузина во стилот на Prius. За разлика од пионерот на Toyota, Insight користеше поевтина изведба на хибридниот погон, таканаречен паралелен хибрид. Пониската цена не помогна моделот да постигне поубедлив пазарен пробив, иако Insight ги поседуваше типичните квалитети на Honda.
По две генерации со ова моделско име, вклучувајќи го и радикалното купе од 1999 година, новата Honda Insight стартува следното лето на американскиот пазар, како лимузина врз база на платформата од Civic, со класичен хибриден погон. Според менаџерите од тамошниот огранок на Honda, новиот Insight е „одличен автомобил сам по себе, без разлика што се случува под хаубата“.
Планот на Honda е две третини од глобалната продажба да отпаѓа на автомобили со електрифицирана погонска спрега до 2030 година; Honda Insight е петтиот модел лансиран во последните дванаесет месеци во рамките на оваа стратегија
Суштинската разлика во погонот наспроти претходните две генерации е во тоа што Insight отсега ќе може да извози неколку километри само со погон од електромоторот. Во возењето, моторот и електромоторот ќе се надополнуваат – како кај секој класичен хибрид.
Јапонската марка засега не открива детали околу техниката. Претпоставка е дека погонската спрега ќе го комбинира 1,5-литарскиот турбомотор, наспроти дволитарскиот мотор во поголемиот Accord Hybrid, којшто заедно со електромоторот произведува системски 212 КС. Поради ценовната категорија на Insight, веројатно нема да се користи ниту плаг-ин хибридната технологија, односно можноста батеријата да се полни од надворешен извор на струја.
Цената на Honda Insight на американскиот пазар ќе изнесува околу 25.000 долари
Insight ќе се произведува во Индијана, заедно со Civic и CR-V, моделското семејство Clarity (три моделски верзии со водороден погон, батериски погон и плаг-ин хибрид) и новата генерација на Accord Hybrid, којашто исто така стартува напролет. Honda во Северна Америка произведува во 19 фабрики. Локално произведените автомобили покриваат повеќе од 95% од продажбата на Honda и премиум марката Acura.
















