Откако во јули 2015 година беше направен пионерскиот чекор со 40-тонскиот камион со погон на батерии, во возниот парк на BMW пристигнаа уште два електрични камиони. Трите товарни возила секојдневно крстосуваат во нормален сообраќај по улиците на Минхен.
Пред повеќе од две години, BMW ангажираше камион со погон на струја за достава на компоненти во фабриката во Минхен. На 40-тонскиот електрокамион од холандската фирма Terberg сега му се придружуват уште два електрични камиони. Трите возила може секојдневно да се сретнат по улиците околу Минхен, додека вршат транспорт за фабриката и за дистрибутивниот центар на BMW во Гархинг, предградие на баварската престолнина.
Во изминатите две и пол години, едноседот со полукабина ја поштедил животната средина од околу 48 тони СО2. Со крајна брзина од 40 km/h, тој секој работен ден циркулира осумпати меѓу логистичкиот центар на шпедитерот Scherm и фабриката на BMW во Минхен.
Трите електрични камиони возат по осум тури дневно
Вториот камион е испорачан од саксонската старт-ап компанија Framo. Тоа е камион MAN, модифициран за погон на батерии, со крајна брзина од 64 km/h. Неговиот ангажман е достава на компоненти за возила во фабриката на BMW. Поаѓалиште е центарот за снабдување во Карлсфелд, оддалечен 12 километри од фабриката.
Електричното трио го заокружува уште еден камион од Terberg. Влекачот минува 15 километри од дистрибутивниот центар во Гархинг до „Светот на BMW“, кадешто се врши директна фабричка испорака на возила, за клиентите што овој чин сакаат да го доживеат како спектакл. На повратната рута, електричниот камион ги превезува новите возила од фабриката до Гархинг, од кадешто возилата на BMW се испорачуваат низ цела Европа.
Камионите полнат струја од обновливи извори, не испуштаат СО2, тивки се и не создаваат гареж. Електричните камиони ја поштедуваат животната средина од 80 тони СО2 на годишно ниво, во споредба со дизел погон. Тоа е приближната количина на СО2 што BMW 320d би ја ослободил при 20 обиколувања на Земјата, односно околу 800.000 километри. Полнењето на батериите трае три до четири часови. Со едно полнење, камионите минуваат до 160 километри.


















