Светот се забавува со моќите на Tesla. Лимузинскиот Model S досега повеќепати ги има одмерувано силите со најсилните и најбрзите. Сега е ред на Tesla Model X. За противник на овој спринт, теренецот го има никој друг туку Lamborghini Aventador. Кој е сега најсилен и најбрз?
Трките не се дисциплината заради којашто се создадени електричните автомобили. Но, сеедно, им успева. Способноста на електромоторите да го создадат полниот вртежен момент буквално уште од првиот вртеж е основата за непобедливоста на автомобилите на батерии во спринт. На моделите на Tesla особено.
Познавачите и сопствениците на овие автомобили се свесни дека електрониката ќе ја ограничи расположливата моќност на електромоторите веднаш штом ќе се регистрира пречекорување на дозволената температурата на батериите и на погонската спрега. Замислата дека Tesla ќе вози со крајна брзина додека не се истрошат батериите е само убава фантазија.
Според тоа, електричните автомобили не се наменети за трка. Барем не сериските. Но, кому тоа му е важно? Значи, Tesla Model X во спринт на 400 метри против Lamborghini Aventador SV.
Tesla Model X во „најсилната“ варијанта P100D се построи на стартната линија заедно со Lamborghini Aventador SV. Теренец тежок близу 2,5 тони со седум седишта против чистокрвен спортски двосед што е полесен за најмалку шестотини килограми. Кој победува во класичната американска дисциплина, спринт на четвртина милја? Мала забелешка, едниот од нив постави рекорд за најбрз теренец во светот.
















