Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet е создаден како отворена провокација за високото општество да го прифати електричниот погон како нова луксузна „ставка“. Петминутното освежување на батериите за следните сто километри е пристојна понуда.
Да нема двоумење уште од почеток. Овој вчудоневидувачки автомобил вози на батерии. Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet не постигнува некое ново скалило на луксузот коешто треба да се покаже пред публиката на престижниот собир на вредни олдтајмери и најспектакуларни концептни автомобили во Пебл Бич, Калифорнија. Ова е своевидна изјава од изумителот на ултимативниот луксуз на четири тркала, дека крстосувањето на висока нога во блиска иднина лесно може да се префрли на електричен погон. Јасна провокација за стандардните на мобилност на високото општество.
Арт-деко дизајн во спој со 750 електрични коњски сили
погонскиот систем постигнува 550 киловати или 750 коњски сили. Тенка батерија вградена во подот му овозможува на кабриолетот долг 5,7 метри да вози преку 500 километри на струја. Ова изобилство од моќ е во впечатлив спој со стилската ера којашто ја одбележаа автомобили со големи мотори, со најмалку 12 цилиндри.
Секоја линија и секој детал во формата на Maybach 6 има свое алиби, причина за постоење. Маската на ладилникот, на пример, инспирирана е од пругастите костуми, крилата имаат органски форми, хромот е насекаде. Големите бандажи од 24 инчи се прицврстуваат со централна завртка лакирана во розово златна нијанса. Тоа е нијансата коајшто Mercedes ја користи кај сите свои студии со електричен погон. Издолжениот и заоблен опаш на Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet е детал што се поврзува со луксузните јахти.
Ентериерот на Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet е како луксузна ложа на отворено
Во луксузниот ентериер е прикажана нова синтеза меѓу уникатната традиција на марката и искуството во примената на висока технологија. Надворешноста и внатрешноста се спојуваат според принципот „Inside out“, се надоврзуваат совршено едно на друго. Тоа најдобро се забележува во задниот дел, кадешто површините од каросеријата се прелеваат во кабината за да создадат чувство како во јахта.
На овие контури што се втопуваат една во друга се надоврзуваат материјали со цел да посредуваат врвно доживување на луксузот. Преку различни контрасти се воспоставува игра меѓу топло и студено. Се користат уникатни материјали и бои за марката, како розево златна за украсните елементи или бела напа за сите површини што доаѓаат во допир со кожата.
Дрвениот под ја нагласува инспирацијата од јахтите
Во луксузен стил познат од мебелот на Честерфилд, површината на кожата е поделена на полиња во форма на дијамант и потоа е прицврстена на основата со помош на копчиња. Дизајнерите на Mercedes-Maybach додадоа футуристичка нота на овој традиционален начин на обработка. Секое копче носи значка на Mercedes и има заднинско осветлување во сина боја. Дрвениот под со отворени пори и вметнати лајсни од алуминиум го нагласува луксузниот впечаток и воспоставува врска со јахтите.
Заради контраст, во кокпитот се наоѓаат класични тркалезни инструменти. Користејќи ги овие „хипераналогни“ елементи со вистински стрелки, дизајнерите излегуваат во пресрет на луѓето што сакаат да почуствуваат аналоген луксуз во светот што се дигитализира интензивно. Друг возбудлив детал е лебдечкиот и транспарентен средишен тунел, којштоја визуелизира електричната струја преку сини оптички влакна.
Во сиот овој луксуз не смее да отсуствува батлер. Посебна функција им овозможува на возачот и совозачот да разговараат со батлерот природно, без точно одредени гласовни команди. На тој начин возачот може целосно да се препушти на возењето. Како технолошки врв, последна генерација на биометрички сензори ја следи будноста и здравствената состојба на патниците.
Петминутно освежување на батеријата за следните 100 километри
Четири компактни електромотори со заедничка моќност од 750 коњски сили обезбедуваат погон на сите тркала. Забрзувањето до сто трае помалку од четири секунди, крајната брзина е ограничена на 250 километри на час. Во поглед на досегот, 500-те километри се мошне приземна вредност.
Очигледно е дека креаторите на овој концептен автомобил не сакале да претеруваат во најчувствителното подрачје на електромобилноста. Место тоа, нагласок се става на фунцијата за брзо полнење. Пет минути се доволни за батеријата да се освежи за следните сто километри, доколку се користи полнач од 350 киловати. Толку време обично е потребно да се наполни резервоарот кај автомобилите со класичен погон. Разликата е во тоа што нивниот досег е петпати подолг.
Vision Mercedes-Maybach 6 Cabriolet ја продолжува серијата визионерски студии. Досега се појавија Vision EnerG Force (Лос Анџелес, ноември 2012), AMG Vision Gran Turismo (Санивејл, 2013), Vision Tokyo (Токио 2015) и Vision Mercedes-Maybach 6 Coupé (Пебл Бич 2016). Сите овие незаборавни студии целат некаде подалеку во иднината.
Mercedes Maybach S Class Cabriolet е сведоштво за тоа што оваа луксузна марка може да го понуди денес. Како прв Maybach со отворена каросерија по повеќе децении, тој е ограничен на 300 примероци и не само за неговиот производител претставува ултраултимативно ниво на автомобилска префинетост под отворено небо.



























