Целата врева околу Toyota се крева за Prius или Mirai. Но, еден друг модел исто така постигнува многу. Во Европа се бара примерок повеќе од Toyota Yaris во хибридната изведба. Ниту изведбите со обичен погон не заостануваат. Македонска премиера на новата генерација на моделот.
Порано постоеја едноставни правила во автомобилската хиерархија. Постоеја малечки автомобили, во коишто не смееше да се очекува ниту комфор, ниту безбедност, а од опремата усреќуваа и најобични раткапни. Кај поголемите возила, нешто повеќе се добиваше пропорционално на големината. Ова што Toyota сега го претставува на македонскиот пазар ги урива правилата. Toyota Yaris стартува во новото моделско годиште и повторно има да понуди нешто повеќе.
Основниот модел Toyota Yaris 1.0 Terra по промотивна цена од 9.990 евра
Седум воздушни перници како стандард, шест години гаранција, клима уред од старт, па згора и изведба со хибриден погон. Тоа не личи за малечок, градски автомобил. Притоа останува и најголемата предност што се очекува во оваа класа. Основната изведба на Toyota Yaris со еднолитарскиот бензинец со 69 КС и ниво на опрема Terra, во следниот период е достапна по промотивна цена од 9.990 евра.
Во Toyota очекуваат дека со оваа понуда ќе бидат конкурентни во Б-сегментот, којшто постигнува удел од 22% во вкупната продажба на нови возила на македонскиот пазар. Тоа e повеќе од конкурентно, со широкоград попуст од преку 15 проценти.
Yaris е автомобил од Европа и за Европа – и за цел свет
Во основата ништо не се смени во новото моделско годиште на малечкиот автомобил со име блиско до грчката митологија. Yaris е целосно развиен во Европа и за Европа, се произведува во Франција и оттаму се извезува на повеќето пазари низ светот.
Во освежувањето на моделот се заменети и модифицирани околу 900 компоненти. Вообичаено за Toyota, промените под каросеријата се посуштински отколку надворешните измени, главно во изгледот на предниот и задниот дел. Во храбрите потези со коишто е акцентиран носот на Yaris се препознаваат линиите што доживуваат кулминација во C-HR. Марката конечно се одоброволи да го привлекува вниманието – коешто го заслужува. Toyota, сепак, не е анонимус во браншата.
Поблагородно чувство во кабината на Toyota Yaris
Во кокпитот владее вообичаената промислена функционалност. Сите прекинувачи се на местото кадешто се очекува да се најдат, материјалите оддаваат впечаток на издржливост. Тоа е поважно отколку посовремениот стил што сега се пројавува во изгледот на инструментите.
За дизелот повеќе нема место под хаубата на Yaris. Хибридот е повеќе од доволен, а на македонскиот пазар дополнително следува и ослободување од акциза, така што за откажувањето на дизелот аосолутно не останува забелешка. Покрај тоа, според последните статистики, дизел верзијата на европскиот пазар постигна удел од само 3 проценти.
Хибридниот погон е преработен и акустичната кулиса во кабината е потивка – исто како при последното освежување на компактот Auris. Со системски 100 КС и безстепен менувач e-CVT, хибридниот Yaris чини 17.290 евра. Тоа е најниската цена за модел со таканаречен полн или паралелен хибриден погон во моментов. Потрошувачката исто така е недостижна за моделите со обичен погон: Во просек 3,3 литри.
Мотор од 1,5 литар со 111 КС на местото на претходникот 1.33 VVT-i
На местото на 1,33-литарскиот VVT-i во посилната изведба на Yaris пристига новиот 1,5-литарец, којшто е чист според идната норма Euro 6c и подготвен е за претстојните нови норми за мерење на потрошувачката и емисијата на гориво во реални услови.
Четирицилиндарецот со 111 КС спринтува до 100 km/h за 0,8 подобро од претходникот и се испорачува во комбинација со шестстепен менувач. Според Toyota, потрошувачката изнесува под пет литри, односно за 12% помалку од претходникот.
Со убедливата моќност за класата, Yaris 1.5 несомнено е во состојба да ги искористи придобивките од преработката на подвозјето. Но, не колку Yaris GRMN, кој ангажира 1,8 литарец со 210 турбо-КС. Овој ексклузивен спортист сепак ќе се изработи во ограничена серија примероци и веројатно нема да се најде во продажба на нашиот пазар.
https://www.facebook.com/ToyotaMacedonia/posts/1550040751682196
Тивкиот револуционер на Toyota лани успеа да постигне раст во продажбата од 6,5 проценти или вкупно 208.000 примероци. Пазарот очигледно ги признава вредностите што Toyota ги нуди под своето лого. И хибридниот погон, исто така. Два од секои пет примероци на Yaris што лани завршиле на европска почва се токму во хибридната верзија.
Промените во дизајнот на новиот Toyota Yaris:
- Акцент на хоризонталните линии кои визуелно ја прошируваат силуетата и го припојуваат возилото кон подлогата
- Преден дел со т.н „катамаран“ архитектура, нов изглед на предните светла и на решетката во маската, поедноставен дизајн во подрачјето околу амблемот на Toyota.
- Нова задна врата, задни светла и нов браник
- Нови бои на екстериерот вклучувајќи и двобојни каросерии, како и нов дизајн на бандажите
- Нови бои и тапацири во внатрешноста
- Нов изглед на инструмент таблата кој вклучува нови бои и TFT мулти-екран за информирање
Новиот Yaris на нашиот пазар ќе биде достапен со три нивоа на опременост, кои како стандард вклучуваат 7 воздушни перници, систем за стабилност на возилото (VSC), клима уред, аудио систем, блутут. Како и сите други возила на Toyota, новиот Yaris има вистинска фабричка гаранција од 6 години или 200.000 километри.























