Rispeed ќе донесе „оаза“ на саемот на електроника во Лас Вегас

Со концептот Oasis, швајцарската фирма Rinspeed ќе донесе подвижна оаза од идеи во автомобилската пустина, за време на саемот на електроника во Лас Вегас. Градскиот автомобил со впечатлив изглед е замислен како возило за некое идно општество што е подготвено заеднички да ги користи предметите.

Швајцарскиот автомобилски визионер Франк М. Риндернехт искажува протест преку неговата студија Oasis. Последниот концепт на Rinspeed е впечатливо дизајниран градски автомобил со електричен погон, кој гласно протестира против идејата дека без џиновските спортски теренци не може да се преживее во градската џунгла.

Oasis е чиста спротивност на војничките појави по градскиот асфалт. Двоседот со големи површини под стакло и покриени предни тркала изгледа мошне футуристички, небаре е современик на R2D2, иконата од Војната на ѕвездите. Исто како „арту-диту“, Oasis може да сврти в круг во место. Разликата во споредба со Google Car е во тоа што швајцарскиот концепт не изгледа како „сив глушец“, туку повеќе асоцира на автомобил од некоја следна генерација, со многу технички изуми и стилски детали.

rinspeed oasis_rear

Кабината повеќе изгледа како дневна соба, со фотелји, ТВ и мултифункциски волан. Ветробранот служи како екран за проекција на виртуелната реалност. Целиот покрив е изведен како фотоволтаички колектор кој ќе обезбедува струја за бројните потрошувачи во кабината. Оригинален детаљ во стил на Rinspeed е воланот што може да се постави хоризонтално во средината на кокпитот и таму да послужи како практична масичка.

Наутро за патување до работа, навечер за пица-такси

Шефот Риндернехт осмисли возилото да се користи заеднички, за „општество коешто е подготвено заеднички да ги користи предметите“. Oasis може наутро да се користи за патување до работа или за шопинг, попладне да биде „микро возило за испорака“ за службите за достава на пратки, а вечер при враќањето дома да служи како пица-такси. Сето тоа го овозможува „фиоката“ во задниот дел од возилото, којашто е заштитена со код и по потреба може да се разладува или загрева.

Името Oasis се толкува и буквално. Под ветробранот се наоѓа малечка зелена површина за одгледување „цвеќиња или ротквици“. Во Rinspeed тоа го нарекуваат „урбано градинарство“ и сметаат дека нивната „оаза“ ќе послужи како инспирација за сите што бараат нешто ново во автомобилската пустина на едноличјето.

Претходна објаваЛимузинската изведба пристига во гамата на Renault Megane
Следна објаваЕкспедиција на Škoda поаѓа во потрага по Јети

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here