Според агенциски објави, Карл-Томас Нојман, актуелен шеф на Opel, наскоро ќе прејде во концернот Volkswagen кадешто ќе го преземе кормилото на марката Audi. Нојман веќе има работено во Volkswagen.
По најавеното напуштање на шефовската позиција во Opel, Карл-Томас Нојман е добредојден кај поранешниот работодавец Volkswagen. Веста ја објави агенцијата Ројтерс. Според интерни извори од концернот, високите менаџери во Волфсбург го гледаат Нојман како наследник на Руперт Штадлер. Позицијата на првиот човек на Audi е разнишана откако дизел скандалот се прошири и во премиум марката на Volkswagen.
Нојман го презеде шефовското место во Opel во 2013 година
Др. Карл-Томас Нојман има работено долги години за Volkswagen. Тој меѓу другото беше задолжен за развојот на електричниот погон, а подоцна стана и шеф на стратешки значајниот огранок во Кина. Експертите оценуваат дека 56-годишниот Нојман е совршен избор за Audi, поради неговиот афинитет кон електричниот погон.
Германските медиуми претходно објавија дека Нојман се откажува од шефовската позиција во Opel. Тој ќе го информира надзорниот одбор за својата одлука на собранието коешто ќе се одржи на 22-ри јуни. Нојман ќе остане на највисоката позиција во Opel сé додека не се комплетира преземањето од францускиот концерн PSA Peugeot Citroen. Тоа се очекува да се случи најдоцна есенва.
#opel, una #ampera-e per @Pontifex_it: Neumann consegna al Santo Padre l'auto elettrica https://t.co/y0i2c2oTiB pic.twitter.com/xUoEXpIp4m
— Il Messaggero (@ilmessaggeroit) May 31, 2017
Здружувањето на Opel и PSA е стратешки правилен чекор, изјави Нојман во интервју за „Франкфуртер Алгемајнен Зонтагцајтунг“. Но, тој е загрижен дали Французите ќе умеат да ја препознаат пресудната улога на електричниот погон. Покрај тоа, во седиштето во Риселсхајм постои загриженост дека Французите ќе раководат премногу централистички со марката Ppel. Позицијата на Нојман, кој стана шеф во 2013 година, ќе ја преземе менаџер од сопствените редови на Opel.