Како последица од драстичното намалување на продажбата на нови автомобили на рускиот пазар, Avtovaz ќе го намали производството на Lada во следните три месеци.
Рускиот производител Avtovaz планира во следните три месеци да ја намали продукцијата на возила од марката Lada на вкупно 25.000 примероци поради драстичниот пад во побарувачката за нови возила на пазарот. Компанијата во сопственост на алијансата Renault-Nissan во минатиот месец произведе 47.000 примероци од Lada и 12.200 возила од марките Renault и Nissan.
Најпродаваната марка на рускиот пазар во првите седум месеци од годинава забележа пад во продажбата од 16 проценти, на нешто повеќе од 220.000 возила. Во следните три месеци вработените ќе продолжат да добиваат полна плата. Во минатата недела и американскиот General Motors најави дека ќе ја намали продукцијата во својата фабрика во близина на Санкт Петерсбург и ќе ги ревидира плановите за проширување на производствените капацитети во земјата.
Стагнацијата на економскиот растеж директно се рефлектираше врз продажбата на нови возила. Пазарот трпи дополнителен притисок и од воведувањето на санкциите од Западот, поради кризата во Украина. Во минатата година, Avtovaz произведе 438.400 примероци од марката Lada и 20.800 возила од марките Renault и Nissan, додека во првите седум месеци од оваа година продукцијата достигна 213.700, односно 51.800 возила.
















