Потонатиот брод со преку 3.000 кинески автомобили е штета од 560 милиони долари

Бродот Морнинг Мидас превезуваше 3.048 кинески автомобили кон Мексико.

Потонувањето на Морнинг Мидас, товарен брод што беше зафатен од пожар на 3-ти јуни и потона по 20 дена, ќе ги чини компаниите за поморски транспорт и производителите на автомобили околу 560 милиони долари, според економската групација Андерсон.

Натоварените 3.048 возила од кинеските фабрики беа на пат кон Мексико, кога бродот беше зафатен од пожар. Чадот почнал да се шири од палубата на бродот, којшто превезувал електрични автомобили од неколку кинески производители на автомобили, меѓу кои Чери и Грејт Вол. Меѓу натоварените возила имало околу 750 електрични возила и хибриди, соопштува крајбрежната патрола на САД.

Причината за пожарот уште не е утврдена.

Ова е трет брод што превезуваше електрични автомобили и претрпе значајни оштетувања или потона, по Фелисити Ејс во февруари 2022 и Фримантл во јули 2023 година. Вкупната штета од сите три случаи се проценува на 1,8 милијарда долари, сметаат во економската групација Андерсон.

Во процената не се вклучени последувателните загуби во бизнисот, медицинските трошоци, замената на бродот и санирањето на животната средина, изјави извршниот директор Патрик Андерсон за Аутомотив Њуз.

„Ова е огромен трошок и уште едно предупредување до индустријата, за ризиците при превезување електрични возила во затворени контејнери,“ порача Андерсон.

Ризиците при превоз на електрични возила и можните решенија

Кога станува збор за превоз на електрични автомобили, секогаш постои опасност од пожар, експлозија или термичка нестабилност, изјави капетан Рендал Ланд, виш поморски консултант во Алијанс Комершл, за Аутомотив Њуз. Дури и во случај кога електричен автомобил не бил причина за пожарот, тие ја зголемуваат опасноста за пожарот да се развие во катастрофални размери. Кога ќе избувне пожар, екипажот нема можност да интервенира.
„Тие не се професионални пожарникари“, вели Ланд.

Иако сите екипажи минуваат основна обука за гаснење пожар, таа е многу воопштена, а пожар на ЕВ бара посебни познавања, објаснува Ланд. Повеќето екипажи немаат сознанија каде на бродот се наоѓаат електричните возила.

Преку подобри системи за откривање пожар и повеќе простор меѓу ЕВ, може да се зголеми шансата за пожарот да се стави под контрола, додава Ланд. Но, тоа бара екипаж што ќе се справува со пожарот. Бродовите стануваат сé поголеми, а екипажите не растат.

Поморските превозници мора да соработуваат со производителите на автомобили и „да им укажат дека не е можно 400 електрични возила да се превезуваат одеднаш,“ или дека „во товарните бродови е потребна да се остави поголема оддалеченост меѓу возилата“, објаснува Ланд.

Претходна објаваДиректори ја напуштаат Тесла, замина и Омед Афшар, близок соработник на Илон Маск
Следна објаваКинеските производители двојно го зголемија својот удел на европскиот пазар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here