Се вжештува битката за освојување пазарен удел во сегментот на спортските теренци. Откако Volkswagen го освежи Tiguan и Kia го пушти новиот Sportage, сега пристига одговор и од Ford, со фејслифт на Kuga.
Во почетокот на следната година на пазарот ќе пристигне преработената верзија на Ford Kuga. Компактниот спортски теренец на Ford ќе биде прикажан премиерно веќе на претстојниот конгрес за мобилна технологија во Барселона, кој се одржува меѓу 22-ри и 25-ти февруари. Нарачките за новиот модел веројатно ќе стартуваат во средината од годинава.
Причина за невообичаниот избор на местото за деби на моделот е воведувањето на третата генерација на мултимедискиот систем Sync на Ford, кој првенствено обезбедува подобро поврзување со мобилен телефон и полесна контрола преку говорни команди, и меѓу другото доаѓа заедно со дисплеј со пречник од 8 инчи. Системот работи десетпати побрзо отколку претходно и подржува и команди во стилот на „сакам кафе“, по што системот за навигација му ги посочува најблиските места. Sync 3 е компатибилен со Apple CarPlay и Android Auto, со прикажување на функциите на телефонот групирани во големи полиња на дисплејот. Преку поврзувањето, говорните команди можат воедно да се пренесуваат и на мобилниот телефон. Значително е олеснето и ракувањето во кокпитот, преку редуцирањето на бројот на прекинувачи на арматурната табла. Повеќе простор во кокпитот се отвора и со воведувањето на електронски контролирана паркирна сопирачка.
Новитет под хаубата е 1,5-литарскиот дизел со моќност од 120 КС, во замена за досега понудениот дволитарски мотор со истата моќност. Потрошувачката на новиот дизел во верзијата на Kuga со погон на предната оска изнесува 4,4 литри, што е 0,3 литар помалку во споредба со претходникот. Во верзијата со погон на сите тркала, потрошувачката на новиот мотор изнесува 5,2 литри. Исто како досега, понудата од дизели ја дополнува дволитарскиот мотор во верзии со моќност од 150 и 180 КС, додека кај бензинците се нудат три изведби на 1,5-литарскиот мотор, со моќност од 120, 150 и 182 КС. Најсилните моделски изведби стандардно доаѓаат со погон на сите тркала, додека истиот стои како опција кај дел од останатите погонски единици.
Изгледот на предните и задните светла е сменет во стилот на останатата моделската понуда на Ford, секако вклучувајќи ја и доминантната предна маска во форма на трапез. Соодветно е сменет и изгледот на предната хауба, со повпечатливо профилирање и исто така во стилот на Mondeo или освежениот Focus. Има и две нови бои во палетата за избор.
Освежувањето на Ford Kuga се случува во вистинскиот момент, затоа што и конкуренцијата се подготвува за освојување на колку е можно поголем удел од растечкиот пазар на спортски теренци и кросовери. Во април стартува продажбата на новиот Tiguan, додека Kia веќе го нуди во продажба новиот Sportage.
















