Од следниот септември, во Цуфенхаузен, предградие на Штутгарт, заедно со вработените во Порше ќе доаѓаат и децата во градинката на германската спортска марка.
Градинката се наоѓа среде фабричкиот комплекс и посебно се одликува со тоа што при проектирањето се почитувал концепт на поврзаност со природата. По отворањето во септември 2025 година, со киндергартенот ќе управува организацијата Киндерхут што е специјализирана за таа дејност.
Според Андреас Хафнер, претседател за персонал во Порше АГ, „точно изведен и доверлив концепт уште повеќе ќе им помага на родителите при спојувањето на работата со семејството.“ На тој начин ќе се овозможат рамноправни шанси за кариера, објаснува Хафнер.
Врска со природата во градска средина
Објектот се протега на вкупна површина од околу 2.600 метри квадратни и сместен е во подрачјето Биркенвалд, односно Брезова Шума. Исто како што Порше со производството и развојот на своите возила внимава посебно на одржливоста и на сочувувањето на животната средина, така овие начела се почитувани и при проектирањето на градинката.
Кита, како што уште се нарекува градинка во Германија, изградена е од дрво и располага со два ката со површина од 1.300 метри квадратни. На просторот на отворено од 1.250 метри квадратни се изведени играчки што се блиски до природното. Намерата е на тој начин да се поттикне свеста за животната средина.
Во итни случаи, кога родителите во одреден ден или кус период не можат да обезбедат друг престој, Порше им овозможува да ги донесат своите дечиња на работното место. За такви пригоди се обезбедени мобилни „детски соби“.
















