Електричните автомобили беа скапи некогаш. XEV Yoyo е автомобил од италијанска стартап-компанија, со делови што се изработени на 3D-печатар. Цените почнуваат од 6.000 евра, но заинтересираните купувачи ќе мора да се стрпат до крајот на следната година.
Италијанската стартап-компанија XEV кон крајот на следната година ќе започне со испорака на Yoyo. Станува збор за лесен и евтин електричен автомобил за возење во град. Двоседот на струја поседува голем број делови што се изработени со технологија на 3D-печатење. Редовната цена во продажба ќе изнесува 8.000 евра. Младата компанија моментно привлекува инвеститори на познатата платформа kickstarter.com. Тие што ќе помогнат компанијата да стартува со производство на Yoyo, резервирајќи примерок од автомобилот, ќе го добијат истиот по повластена цена, односно за најмалку 6.000 евра.
Иако електричниот автомобил на XEV има неколку оригинални детали, неговите пропорции и силуетата личат на претходната генерација на smart fortwo. Дури и должината од 2,5 метри е иста. Тежината од 750 килограми ветува лесна подвижност во градското секојдневие.

Ниската цена во дел се темели и врз ограничените перформанси на XEV Yoyo. Електромоторот постигнува постојана моќност од 10 КС, но во времетраење до 30 секунди може да испорача и максимални 30 КС, при забрзување или кусо искачување. Крајната брзина изнесува 70 km/h. Поради ограничените перформанси, возилото во ЕУ спаѓа во категоријата на лесни моторни возила L7.
Батеријата од литиум-железо-фосфат располага со капацитет од 9,2 киловатчасови и дозволува досег до 150 километри. Таа се состои од четири отстранливи модули, кои се наоѓаат назад. Празните модули ќе може да се заменуваат со нови, на посебни станици кај партнерите на компанијата.
Иако припаѓа во категоријата L7, градското мини на струја поседува АВЅ, воздушни перници и зона на гмечење. Опремата опфаќа клима уред, голем дисплеј на допир, електрика на прозорците и сервоуправување.
https://www.instagram.com/p/B6KxhysCuDa/
















