Toyota Corolla стана 50-милионски автомобил

Toyota Corolla

Уште во 1997 година, Toyota Corolla го презеде приматот на најпродаван автомобил на сите времиња. Во меѓувреме, моделската серија го досигна 50-от милион.

Само во минатата година, Toyota продала дури 1,1 милион примероци од моделот. Според сегашната динамика, по една Corolla се продава некаде во светот на секои 28 секунди. Фразата „некаде во светот“, тука има вистинско значење, затоа што Corolla се продава во повеќе од 150 држави. Вкупно дванаесет фабрики произведуваат Corolla моментно. Toyota го произведува бестселерот во фабрики во Јапонија, Бразил, Венецуела, Кина, Пакистан, Јужна Африка, Тајван, Тајланд, Виетнам, Турција, САД и Велика Британија.

Веста за 50-от милион пристигна од Австралија, каде што Corolla исто така се произведуваше долго време. Возачките и возачите во земјата имаат посебен однос кон овој модел. Австралија беше првиот пазар на којшто Toyota стартуваше со извоз на Corolla, во 1966 година.

Со вкупно 50 милиони возила, Corolla има постигнато повеќе од двојно повисока продажба од вториот најпродаван модел на сите времиња, Volkswagen Beetle, односно на германски Käfer. Бубата постигна „само“ 21 милиони продадени примероци. Додека ја достигна фамозната бројка, Corolla мина низ дванаесет генерации. Наспроти тоа, Бубата целата своја кариера ја мина практично во една и иста генерација.

Во периодот меѓу 2010 и 2019 година, името Corolla исчезна од понудата на Toyota на европскиот пазар, затоа што оригиналното име беше заменето со Auris. Единствено лимузинската изведба продолжи под името Corolla. Актуелниот модел, исто така стартуваше под името Auris, кога Toyota ја најави генерацијата, па дури и на првите официјални фотографии се појавува името Auris.

Претходна објаваМашна во ексклузивна серија во чест на Pininfarina и Ferrari
Следна објаваКомбито од новиот Peugeot 308 продолжува традиција од 70 години

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here