
Менаџерот што е одговорен за Модел Ипсилон, најпродаваната моделска серија на Тесла, Емануел Ламакија, на 9-ти ноември соопшти дека по близу девет години си заминува од компанијата. Тоа е веќе второ заминување на кадар со врвна надлежност од компанијата со којашто раководи Илон Маск.
Заминувањето на Ламакија беше соопштено по само неколку часови, откако раководителот со Сајбертрак, Сидант Авасти, кажа дека ја напушта компанијата. Авасти ја започна својата кариера во Тесла како приправник пред осум години и имаше клучна улога, за пикапот од нерѓосувачки челик да го донесе до продажба. Тој неодамна презеде одговорност и за Модел 3.
Ламакија почна да работи во Тесла во 2018 година и мина преку четири години како прв одговорен кадар за Модел Ипсилон, со надлежност да се грижи за производството и за неговото воведување во останатите фабрики на Тесла низ светот.
„Каква авантура беше тоа… од раководење со НПИ (воведување нов модел) за новите варијанти на Модел 3 и Модел Ипсилон, до главен програм менаџер за Модел Ипсилон, најпродаваниот автомобил во светот,“ напиша Ламакија во својата објава на Линкдин.
Додека Тесла се движи во насока на роботски такси возила и производи со вештачка интелигенција, компанијата во изминатава година загуби неколку високо одговорни кадри. Меѓу нив се Даниел Хо, заслужен за лансирањето на Модел 3, и Давид Жанг, којшто беше надлежен за Модел С и Модел Икс.
[the_ad id=”85764″]
Производителот постигна рекордни испораки во третото тромесечје, што главно беше поттикнато од бранот купувачи коишто побрзаа да го искористат даночното ослободување во висина од 7.500 долари, пред истекот на програмата на 30-ти септември. Аналитичарите сепак предвидуваат огромен пад во четвртиот квартал, по завршувањет на субвенциите за електрични автомобили.















