Скандалот со кражбата на податоци од корисниците на фејсбук очигледно предизвика реакција кај Елон Маск. Тој ги избриша фејсбук профилите на своите компании Tesla Inc и SpaceX. На твитер веќе неколку денови циркулира хаштаг кој ги повикува компаниите да ги избришат своите профили од фејсбук.
По скандалот со кражбата на податоците од 50 милиони корисници на фејсбук, Елон Маск ги избриша профилите на своите компании Tesla Inc и SpaceX на најголемата социјална мрежа во светот. На твитер веќе неколку денови се врти хаштагот #deletefacebook. Еден од иницијаторите е соосновачот на Whatsapp, Брајан Ектон, кој за 22 милијарди долари му го продаде сервисот за размена на пораки на фејсбук. Твитер-пораките на Ектон исто така придонеле Маск да ги избрише профилите на Tesla и SpaceX на фејсбук.
Маск прашува „што е фејсбук?“
Откако Маск го коментира твитот на Ектон со прашањето „што е фејсбук?“ следи реакција од корисник на мрежата, кој бара мултимилијардерот да го избрише профилот на SpaceX од фејсбук. Маск на тоа одговара „Не знаев дека имаме профил. Ќе го сторам тоа.“ Друг корисник потсетува да се избрише и профилот на Tesla. „Дефинитивно. Изгледа здодевно,“ одговара Маск. По кусо време исчезнаа двата профила.
Маск и фејсбук имаат долга историја. При експлозија на ракета на SpaceX во 2016 година беше уништен еден од сателитите на фејсбук. Милијардерите лани имаа спор околу опасноста од вештачката интелигенција. Маск честопати предупредува за опасноста од машините што учат, додека Цукерберг има оптимистички гледишта.
Неколку компании привремено го прекинаа рекламирањето на фејсбук и инстаграм
Компанијата Mozilla, којашто го има развиено пребарувачот Firefox, исто така престана да се рекламира на фејсбук, додека не се подобри заштитата на податоците. Повеќе компании го направија истиот чекор, меѓу кои и производителот на мрежни звучници Sonos.
Во меѓувреме „Вол Стрит Журнал“ објави дека фејсбук ги убедува рекламните агенции во безбедноста на податоците на корисниците. Гигантската мрежа со повеќе од две милијарди корисници практично целата заработка ја остварува преку реклами.
What’s Facebook?
— Elon Musk (@elonmusk) March 23, 2018
Скандалот изби откако фирмата за анализа на податоци Cambridge Analytica добила неовластен пристап до информациите на 50 милиони корисници на фејсбук. Фејсбук уште пред три години знаел за проблемот, но верувал во гаранцијата на фирмата дека податоците ќе бидат избришани. Според основачот на фејсбук, софтверската врска што им дозволувала на апликациите за анкетирање да добијат широк пристап до корисничките податоци, била отстранета уште во 2014 година.
Финансиските директори си заминуваат од Tesla
Рекордно тримесечје за Tesla: Загуба од половина милијарда долари
Следната година е решавачка за судбината на Tesla