Илон Маск уште не успева да направи обичен автомобил

Tesla Cyber Truck
Tesla Cyber Truck

Појавувањето на најновиот модел на Tesla е исто како сите автомобилски фабрики на планетава да доживеале мистериозен вонземски напад и биле претворени во прашина, а Cyber Truck е првиот автомобил што светот го добива потоа.

Неколку часови минаа од првото појавување на електричниот пикап на Tesla и буквално целата планета го виде и коментираше за него. Најголемиот одметник во автомобилската бранша Илон Маск се надмина себеси, уште еднаш. Tesla Cyber Truck е грд и подеднакво е фасцинантен, едноставен и обичен надвор, а совршено конструиран и преполн со технологија внатре, исмеван на глас од едни и во исто време воздигнат во култ уште пред светот да почне да го користи. Поларизирачка креација, како од учебник.

Некои во него ја бараат тајната на пирамидите, други ценат дека личи на кутија за кондури, секој има нешто да каже и оцени околу електричниот пикап од калифорнискиот специјалист за возила со погон на струја. Објави на социјалните мрежи на највлијателните медиуми од и блиску до автомобилската сцена се придружени со илјадници, можеби веќе со десетици илјади коментари. Тоа се нарекува револуција.

Tesla Cyber Truck личи како пародија на производителите на автомобили, чијашто работа со години наназад се сведува главно на претворање на сите каросериски изведби и класи во СУВ-возила, честопати со менување само на логото на марката, а со една иста техника

Секако дека постојат причини, зошто Tesla Cyber Truck изгледа толку „сајбер“. Тоа се чисто технички и строго рационални причини, без емоции и без историја. Рамните површини и острите рабови по каросеријата се тоа што не се гледа кај „обичните“ автомобили, затоа што над нив следат завршни каросериски панели, кои го сочинуваат конечниот изглед на секој автомобил. Внесуваат емоција, тоа го прават.

Кај електричниот пикап од Фремонт, голата каросериска школка се гледа, и тоа е разликата. Вистина, дизајнерите на Tesla внеле и соодветна доза на драматика, дополнително нагласувајќи ги острите линии. Оваа школка е изработена од челик со висока цврстина, односно од ладно валана челична ламарина од 30X. Инженерите на Tesla конкретно зборуваат за екзо-скелет, кој нема потреба од дополнителни зајакнувања, украсни или заштитни панели.

Каросеријата е цврста, не рѓосува, изработката е едноставна, а тоа значи и поевтина. Формата, линиите на Cyber Truck се добиени со математички формули. Дизајнерската интервенција е минимална; Кој ја симпатизира марката, ќе го обожува и пикапов

Во поглед на погонската техника, Tesla најавува три варијанти на Cyber Truck. Основната поседува електромотор, кој ги задвижува задните тркала. Спринтот до темпо сто трае помалку од седум секунди, досегот изнесува 340 километри. Товарната површина назад е долга 198 сантиметри, тежината на приколка може да изнесува до 3,5 тони. Автопилотот и пневматската амортизација се стандард. Аголот на пристап е 35 степени, на заминување 28 степени. Растојанието од подлогата може да изнесува најмногу 400 милиметри.

https://photos.app.goo.gl/TVXzHt7mNzLtLe9y6

Втората верзија располага со два електромотори и погон на сите тркала, а со поголемата батерија соодветно се продолжува и досегот, на близу 500 километри. Во најсилната изведба работат три електромотори, спринтот до темпо сто трае малку подолго од три секунди, а досегот изнесува 800 километри. Податокот за тежина на приколка исто така е импресивен: 6,35 тони!

Додека останатите (традиционални) марки можат да го понудат само тоа на што купувачите се навикнати и немаат многу простор за менување, Tesla има различен принцип на работа, односно нуди напредни решенија и концепти кои купувачите потоа ги прифаќаат со одушевување

Електричниот пикап е долг 5,89 метри, широк 2,03 метри и висок 1,91 метар. Испораките се планира да стартуваат кон крајот на 2021 година. Податокот за цената менува многу: 39.900 долари за основната изведба, што одговара на околи 36.000 евра. Резервацијата е речиси симболична, сто долари.

https://photos.app.goo.gl/jsdjhsH8p1dqy4Bt6

Околу коментарите што го исмеваат изгледот на Tesla Cyber Truck, а друго и нема што да биде предмет на критика, исто е како за сите модели на автомобили што се обраќаат на точно одреден круг публика и купувачи. Најлошите коментари обично доаѓаат од возачи, што и без ваквиот изглед на електричниот пикап, попрво ќе изберат традиционално и класично. Оние што ја симпатизираат марката Tesla, а воедно имаат идеја дека пикап би им одговарал во секојдневието, било тоа да е работно или приватно, сигурно нема да се поколебаат околу изгледот.

Некои дури го толкуваат дизајнот како футуристички. На прагот на 2020 година? Единственото што реално важи за дизајнот на пикапот на Tesla е дека му недостигаат емоции, историја. Човекот сепак е навикнат да реагира емотивно на тоа што го гледа.

https://photos.app.goo.gl/CfQJ34qH6uy5qysw5

https://photos.app.goo.gl/jU4PpzE5UEJPkt198

https://photos.app.goo.gl/7a1Tumj29atNbTVA9

 

Златниот волан на Ауто Билд за Tesla Model 3

Претходна објаваMercedes-Maybach GLS или луксуз како уметност
Следна објаваLexus UX е добар кросовер, заслужи прв да вози на струја за марката

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here