за

Камионот на Tesla во сенка: Mercedes во електрична офанзива

mercedes evito start

Додека светот сé повеќе се сомнева во ветувањата на Tesla, од Mercedes пристига вест што ги става во сенка сите најави од Калифорнија. Од следното лето започнува испораката на доставното комбе Mercedes eVito, по него следат уште два модела.

Mercedes ќе ги понуди сите доставни модели во електрична верзија. Од следното лето започнуваат испораките на eVito, книгата за нарачки е веќе отворена. Цената за германскиот пазар изнесува 39.990 евра. За првите 1.000 купувачи преку интернет страницата www.jetzt-elektroVAN.mercedes-benz.de следува сервисен пакет, заедно со полнач за струја. Една година подоцна следи и поголемиот eSprinter, за понудата да ја заокружи Citan.

Mercedes eVito: Досег до 150 километри, носивост над 1.000 килограми

Со батерии со капацитет од 41,4 kWh, незначително повеќе од Nissan Leaf, електричниот Vito ќе вози до 150 километри. Според Daimler, кој има практични искуства со E-Vito од 2010 година, електричното комбе ќе извози 100 километри дури и при неповолни услови, односно ниски температури и полн товар. Тоа е доволно за намената на eVito како градско доставно возило, особено за средини во коишто е ограничен сообраќајот со возила.

Полнењето на батериите на обичен полнач трае шест часови. Електромоторот располага со 114 КС и вртежен момент од 300 њутнметри. Возачот има две опции за крајната брзина: 80 km/h за градска средина и за поштеда на батериите, 120 km/h за достава по автопат и со соодветно смалување на досегот.

По Mercedes eVito следат и електрични верзии од Sprinter и Citan

Во верзијата со продолжено меѓуоскино растојание, eVito нуди товарен простор до 6,6 метри кубни и носивост од 1.073 килограми. Батериите се вградени под подот и не одземаат од товарниот простор или од фукционалноста. Максималната дозволена тежина изнесува 3,2 тони, односно останува во рамките на возачка дозвола од Б-категорија.

Mercedes започна со тестирање на електричниот погон во доставните возила уште во средината на 1990-те години, со електричната верзија на транспортерот MB 100. Заедно со новата генерација возила со погон на струја, Mercedes на своите клиенти им нуди и комплетна услуга околу самиот електричен погон, но и разновидни услуги на мобилност. До 2020 година ќе се инвестираат половина милијарда евра во понудата на решенија за конективност во доставните возила, на иновативен хардвер за транспортната бранша и нови концепти на мобилност.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lexus LC 500h

Lexus LC 500h: Пристојна манифестација на безобразно

polestar fabrika volvo kina

Volvo гради фабрика за спортската марка Polestar во Кина